Дали наскоро ќе имаме машини за едно перење?

0
902

Техничките апарати полека но сигурно ќе станат стока за еднократна употреба. Нивните гарантни рокови од ден во ден се намалуваат, а се почести се и апаратите кои воопшто и не дочекале гаранцијата да им истече. Оние пак кои имале среќа да поработат како што Ви ветиле во рекламите, имале повеќе средби со сервисерот отколку со корисникот.

Проблемот со квалитетот на техничките апарати е една од ретките теми која ни е заедничка и нам и на земјите членки на ЕУ. Таму во моментов е во тек масовна инцијатива за целосно редефинирање на европската регулатива за квалитетот и гарантните рокови на техничката стока откако од буквално сите 28 земји членки на ЕУ во еден глас стигнаа реакции дека, техничките апарати кои се произведуваат и продаваат во Европа ретко траат преку гарантниот рок, а оние кои пројавиле дефект тешко се поправаат затоа што производителите престануваат да прават резервни делови за апаратите веќе по само 2-3 години од излегувањето на првата серија на производот. Кај нас на оваа тема се водат чаршиски муабети и се евоцираат спомени од старата Југославија кога белата техника во домовите славеше роденден заедно со полнолетните деца на нејзиниот купувач, а реакција на надлежните институции за сега нема.