Дали Русија сака тајно да го инсталира Трамп во Белата куќа?

0
371

Можноста дека Русија стои зад операцијата на информациско војување за да се замеша во американските избори предизвика загриженост кај претставниците на американската администрација, но предизвика и скептицизам дека Кремљ има план да го инсталира Доналд Трамп во Белата куќа, како што алудираат некои политички оперативци, вели Вашингтон пост.

Разузнавачите велат дека речиси е сигурно дека агенти на руската влада го хакирале Демократскиот национален комитет (ДНЦ) и дека Белата куќа пред неколку месеци била информирана за одговорноста на Москва.

Она што сега е во прашање е дали руските официјални лица го режирале протекувањето на материјалите на ДНЦ до Викиликс, што не го знае ни разузнавачката заедница.

„Не најдовме никаква доказна врска меѓу која било руска разузнавачка служба и Викиликс – ниедна“, вели еден американски официјален претставник. Тоа би било голем предизвик, делумно поради тоа што материјалот можеби не е пренесен по електронски пат.

Исто така, велат официјални лица, нејасна е и мотивацијата, дури и ако Русија навистина стои зад протекувањето. Можеби Кремљ едноставно сака да го наруши и да го дискредитира политичкиот процес на САД, без да се стреми кон некој посебен резултат, пишува весникот.

Мајкл Хајден В., поранешен директор на ЦИА, вели: „Искрено, не мислам дека мотивот им е да влијаат на самите избори.“ Тој вели дека Русите, веќе мајстори во „информациската доминација“ или во користењето на информациите како политичко и воено оружје, можеби ги покажуваат своите мускули „за да докажат дека можат да направат Трамп да победи или Хилари да изгуби“.

Ако навистина стојат зад скандалот, вели тој, „тие ја креваат својата игра на сосема друго ниво“.

Но една таква операција на влијание од страна на Русија, да се меша во изборот на претседател – ако тоа навистина се случило – би била храбар потег, дури и за претседателот Владимир Путин, велат аналитичарите. Тоа би ја однело традиционалната политичка шпионажа во сосема нова категорија на информациско војување.

„Длабоко сум загрижен бидејќи, ако Русија стои зад ова, тоа ќе биде преседан и алармантна ескалација на руската спремност да се меша во нашиот политички процес“, изјави Адам Б. Шиф, висок демократ во конгресниот разузнавачки комитет. Тоа би било обид „да се помогне да се избере кандидат што е поволен за непријателот“.

Некои од ставовите на Трамп – вклучувајќи ги сè почестите прашања за заедничката одбрана меѓу членките на НАТО и потенцијалното признавање на руската анексија на Крим – ќе бидат поздравени во Москва, но кандидатот на Републиканската партија изјави дека нема никаква врска со рускиот претседател.

Републиканските и демократските пратеници сега ја повикуваат администрацијата брзо да дознае кој стои зад протекувањето – и ако тоа се Русите, да побараат одговорност од нив.

„Агресијата на господинот Путин, која е во советски стил, ескалираше на нивоа што пред само една недела беа незамисливи“, вели сенаторот Бен Сасе во соопштението. „Америка е дигитално изложена. САД сега мора да преземат сериозни офанзивни и дефанзивни дејства. Русија мора да се соочи со реални последици“.

Форензичките докази што ги поврзуваат Викиликс и Русија дојдоа од еден сајбер-истражувач и поранешен воен разузнавачки аналитичар, кој во вторникот заклучи дека страната што му го дала материјал на Викиликс била дел од руска информациска операција.

Страната, која себеси се нарекува Гуцифер 2 (Guccifer 2.0) и тврди дека е Романец, користел руска компанија што дава посебен вид услуги и ви помага да ја маскирате вистинската локација на корисникот, вели информацискиот службеник Рич Баргер. Баргер ја анализирал комуникацијата меѓу Гуцифер 2 и новинарите, која му била дадена од новинарите. Информациите во мејловите го одвеле до една руска служба, наречена виртуелна приватна мрежа. Гуцифер исто така користел интернет-адреса што се поврзува со голем број руски онлајн-измами, вели тој.

„Но најважното прашање е зошто тие го прават тоа? На што се обидуваат да влијаат?“, прашува бившиот директор на НСА Кит Александер. „Тоа е вистинското прашање.“

Не се сите убедени дека целта на Русите, ако го сториле тоа, е да влијаат на изборите. „Не дека Путин се обидува да му помогне на Трамп“, рече Лео Тадео, поранешен специјален агент на ФБИ, задолжен за сајбер и специјални операции во Њујорк. „Мислам дека тие ѝ праќаат порака на Хилари Клинтон, ѝ велат дека можат да ѝ застанат на пат на изборите ако таа не покаже некаква флексибилност во својот став кон нив.“

Некои аналитичари, всушност, мислат дека Путин смета дека неговите интереси подобро ќе ги исполни претседателката Клинтон, која е добро позната во Москва. „Ако јас бев во Кремљ, ќе сакав да ја видам Хилари на таа функција“, вели еден поранешен разузнавачки функционер. „Таа е неверојатно предвидлива и не сака да влегува во конфронтации. Трамп е и непредвидлив, и конфронтирачки. Јас многу повеќе би сакал да играм покер против Хилари. Секогаш би победувал.“

www.mkd.mk