Де Хеа, Ерера и Рохо учеа знаковен јазик

0
857

Фудбалските ѕвезди на Манчестер јунајтед Давид де Хеа, Андер Ерера и Маркус Рохо вечерва во Скопје добија неколку лекции по знаковен јазик од 19-те деца  од  училиштето за ученици со оштетен слух „Партение Зографски“.

Средбата со нивните фудбалски херои беше изненадување за учениците кои утре ќе настапат на свеченото отворање на Супер купот на УЕФА во Скопје, пред натпреварот Реал Мадрид-Манчестер јунајтед, и на знаковен јазик ќе ја испејат „Небо полно ѕвезди“ (Sky Full of Stars) од „Колдплеј“.

Децата се избрани од УЕФА Фондацијата, а средбата со де Хеа, Ерера и Рохо  беше емитувана на нејзиниот фејсбук профил.

Децата ги поздравија играчите со аплауз – високо кренати раце што треперат. Потоа Ерера праша како на знаковен јазик се кажува Манчестер јунајтед, а еден ученик веднаш му покажа, и трите фудбалски ѕвезди неколкупати ги повторија знаците.

Формирана пред две години, УЕФА Фондацијата го користи спортот за да поддржи хуманитарни проекти поврзани со правата на децата во областа на здравството, образованието и интеграцијата. На чело на фондацијата е експретседателот на Европската комисија Жозе Мануел Баросо.

www.sdk.mk

 

Без коментари