Дел од програмата на Мајските оперски вечери и во Битола

0
527

Македонската опера и балет, викендов гостуваше во Центарот за култура во Битола.

Пред преполната сала ја изведоа популарната сценска кантата “Кармина Бурана” на Карл Oрф, со оркестарот, хорот и солистите Игор Дурловски, Наде Талевска и Горан Начевски.

Со овој настан започна серијата големи културни настани во Центарот за култура.

Освен во улога на солист, Игор Дурловски на прес конференцијата како генерален директор на МОБ., најави неколку големи проекти за наредниот период од кои дел ќе гостуваат во Битола.

-Среќата да биде владетелка со светот, е пораката на кантатата Кармина Бурана, која претходно имаше своја изведба во Скопје. Режисер на оваа сценска кантата е Дејан Прошев, а диригент Иван Еминовиќ.

Најзначајната манифестација од областа на оперската уметност, Мајските оперски вечери, оваа година со зголемен број на претстави .

На оваа манифестација ќе биде изведена премиерата на Евгениј Онегин на Чајковски , во режија на Дејан Пројковски и сценографија на Валентин Светозарев.

На Мајските оперски вечери ќе има еден атрактивен гала концерт со три многу значајни и актуелни контратенори, а новитет е паралелната манифестација за најмладите „Мали мајски оперски вечери“, која ќе биде наменета за публиката од претшколска и школска возраст.