Демант на Министерството за информатичко општество за најавениот штрајк на судската администрација

0
997

Во врска со написот  “Судската администрација излегува на штрајк”, во кој е наведено дека Синдикатот на УПОЗ и Здружението на судската администрација најавуваат тридневен штрајк како резултат на неуспешните преговори со Министерството за новите законски решенија, би сакале да ја информираме јавноста дека Министерството за информатичко општество и администрација никогаш не отпочнало никакви преговори со Синдикатот на УПОЗ и Здружението на судската администрација во врска со судската администрација.

Во текстот е цитиран Пецо Грујовски oд Синдикатот на УПОЗ кој изјавува дека имал разговори со Министерството на кои било договорено формирање на работна група која ќе подготви ново законско решение, дека таква група била формирана и во дадениот рок бил направен текст на некаков нов закон кој бил испратен во Министерството, а од Министерството немал никаков повратен одговор.

Министерството за информатичко општество и администрација најодговорно тврди дека не отпочнало никакви преговори со Синдикатот на УПОЗ и Здружението на судската администрација, не договорило формирање на никаква работна група, не договорило подготовка на некакво ново законско решение, а уште помалку дека добило текст на некаков нов закон за судската служба.

Од тие причини, Министерството за информатичко општество и администрација најостро ја осудува, ја квалификува како тешка лага и манипулација и во целост ја демантира изјавата на Пецо Грујовски, уште повеќе што Министерството за информатичко општество и администрација нема надлежност над законската регулатива за судската служба.