Демонстрации во Германија поради настаните во Турција

0
641

Обидот за пуч во Турција ја вознемири и турската заедница во Германија. Уште во текот на ноќта повеќе илјади луѓе се собраа пред турските дипломатски претставништва во повеќе германски градови.

По информациите за обид за пуч во Турција, повеќе илјади луѓе во Германија излегоа на улиците во знак на поддршка на владата на претседателот Реџеп Таип Ердоган. Пред турската амбасада во Берлин се собраа околу 2000 демонстранти, додека прет турскиот конзулат во Есен имаше околу 5000 луѓе. Спонтани собири имаше и пред турските конзулати во Штутгарт и Карлсруе. Собир на солидарност имаше и во Дуизбург. Според наводи на полицијата, сите собири минале мирно.

Повеќе германски авиокомпании ги откажаа летовите за Турција. Луфтханза, Еуровингс и Ер Берлин во текот на ноќта ги скратија летовите кон и од Турција. Во меѓувреме, повторно некои авиони летаат на релација Германија-Турција. Луфтханза најави дека денеска ќе донесе одлука дали ќе ги обнови летовите за Турција. Погодени се пет релации – од Минхен и Франкфурт, како и од Истанбул и Анкара, но и летовите од Анталија, Бодрум и Измир за Германија. Еуровингс ги откажа сите летови меѓу Германија и Турција на неодредено време.