Денес заседаваше битолскиот Совет

0
818

Денеска советниците на 49 седница на совет расправаа за завршните сметки на ЈП од градот. Советничката Габраиела Илиевска од ВМРО НП побара од дневниот ред да бидат тргнати точките 5 и 6 кои што се однесуваа за завршната сметка за финансиското работење на ЈП Нискоградба и извештајот за работа на ова јавно претпријатие за 2015 година.

-Сметам дека вакво незаконско работење на едно Јавно Претпријатие не може ни да се замисли, ниту пак да се дозволи. Талески во неколку наврати во ова Јавно Претпријатие го крши членот 19А од Законот за ЈП без никакво објаснување. На своја рака без законска основа објавил јавен оглас за директор иако сите рокови за истиот биле поминати. И покрај одлуката донесена на кадровската комисија на ВМРО-ДПМНЕ во Скопје со кое друго лице е именувано за редовен директор , тој сепак за в.д директор го назначува Крстевски, изјави Габриела Илиевска советник ВМРО НП-Битола

На ова директорот на Нискоградба со одговор

-Она што се случува на Централно ниво се пресликува и на локално. Циркузијадата на СДСМ и нивните привезоци продолжува. Наместо да се занимаваме со завршната сметка на Јавните Претпријатија од градот , некој кој во своето работење се занимава со лабараториски работи и испитување на крв и мокрача, се занимава со давање или толкување на Законот. Право на избор на директор на секое ЈП на ниво на општина е на градоначалникот. Тој според член 50 од Законот, член 19 и член 24 од Законот за Јавни Претпријатија извршил избор на директор на ЈП Нискоградба . Негово право е кој ќе го избере на таа функција, изјави Кире Крстевски, директор на ЈП Нискоградба

Асфалтирањето на улиците, изградбата на водоводна мрежа,канализација, и уличното осветлување во Битола од година во година се во слободен пад, обвинија од опозицијата

-Во 2013 година за оваа намена беа потрошени нешто повеќе од 3 милиони евра. Во 2014 скоро 2 милиони евра, а 2015 ја завршивме со само 1 милион евра, што е за 50% од планираното. Овие податоци не се ништо ново за жителите на Битола, бидејќи секојдневно се соочуваат со ископани улици, со недоволен притисок во застарената водоводна мрежа како и со повремените поплави кои се јавуваат поради несоодветната канализациона инфраструктура, изјави Златко Ќурчиевски, советник СДСМ Битола

Директорот на ЈП Нискоградба се пофали дека ова ЈП е едно од најуспешните во градот

-Резултатот за 2015 година е 3 милиони 221 илјада и 760 денари. Ако се потсетиме на само пред 5 години ЈП Нискоградба од директорувањето на СДСМ беше со 30 милиони во загуба. И граѓаните можат да направат споредба. Зголемени се платите за 15 %, намалени се побарувањата за 10,6%, имаме зголемена наплата, обврските се намалени за 41%, тоа значи дека добро финансиски сме работеле, изјави Кире Крстевски директор на ЈП Нискоградба

На денешната седница на Совет пред советниците се најдоа 65 точки.