Денеска е Свети Наум Охридски

0
209

Нашиот преподобен и голем отец Наум, согласно воспитувањето на благородните родители, откажувајќи се од благородството и богатството, им се придружи на рамноапостолните браќа Константин Философ и Методиј. Станувајќи им придружник на овие прекрасни мажи и благовесници на Вистината, се предаде во нивни раце. Нив ги имаше за пример во сè и за свои учители, поучувајќи се во нивното училиште од делата на свети Григориј Богослов, свети Јустин Философ, свети Григориј Неокесариски, свети Василиј Велики, свети Јован Златоуст, свети Григориј Ниски, Блажен Августин, свети Јован Дамаскин, и подготвувајќи се за големото апостолско дело што го очекуваше.

Дејноста на свети Наум е тесно поврзана со мисионерската дејност на светите Методиј и Кирил. Околу 863 година тој замина со нив во земјите на Централна Европа. Патувајќи со нив по селата на новоформираното Кралство на Моравија – на територијата на среден Дунав, меѓу Чешка, Баварија и Словачка – овој вистински Христов апостол беше подложен на многу искушенија: беше биен, исмејуван, хулен, претрпувајќи долги и бескрајни тегоби и тешкотии, затвори, насилства и студ, и протерувања од непријателите Христови и на Верата.