Денеска годишно обраќање на Иванов без пратениците на СДСМ

0
598

Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов денеска ќе има годишно обраќање пред пратениците во Собранието на Република Македонија. Пратениците на СДСМ веќе го најавија бојкотот на обраќањето на претседателот.

Иванов редовно при крајот на годината се обраќа пред пратениците осврнувајќи се на актуелните внатрешни и надворешни случувања во годината што изминува.

Координаторот на пратеничката група на СДСМ Ѓорѓи Сугарески рече дека нивниот став е познат многу одамна.

„Претседателските и парламентарните избори  се криминални и наместени. Во Парламентот сме исклучиво заради договорот од Пржино. Немаме апсолутно никаква намера. Тој како прво за нас не е претседател, затоа што е избран на криминални и наместени избори“, рече Сугарески.

Се очекува претседателот во своето обраќање да се осврне на бегалската криза, состојбата со медиумите, на изборите в година, предизвиците во безбедноста и евро-атлантските интеграции, справувањето со тероризмот…

Иванов, според информациите од неговиот кабинет, ќе ги поставува сите политички дијагнози со кои се соочуваат македонските граѓани, но ќе се обиде да даде и свое решение за нив.

Иванов изминатава година, во услови на домашна на политичка криза, беше носител на меѓународното претставување на државата во странство. Тој особено беше активен на европските и меѓународните самити поврзани со бегалската криза, но и во домашното справување со неа, особено на јужната граница со Грција.

Од почетокот на годината претседателот Иванов има остварено 31 посета на странска држава, 149 средби со странски државници и 12 учества на значајни меѓународни самити и конференции. Шефот на државата оствари средби со повеќе светски лидери, меѓу кои со германската канцеларка Ангела Меркел и претседателот на САД, Барак Обама, на кои ги реафирмира заложбите за брз прием на земјата во Европската Унија и НАТО. Тој оствари неколку средби и со грчкиот премиер Алексис Ципрас, како и средба со грчкиот министер за надворешни работи.

Претседателот Иванов стана прв македонски претседател што ја посетил општината Пустец и прв македонски претседател што оствари официјална посета на Државата Ватикан, информираат од неговиот кабинет.

Без коментари

LEAVE A REPLY