Денеска почнува фестивалот „Илинденски денови“ Битола

0
442

Фолклорни ансамбли, групи и културно уметнички друштва од Чиле, Чешка, Хрватска, Грција, Словенија и од Македонија ќе ја исполнат програмата на 47. издание на фестивалот на народни песни и игри „Илинденски денови“ кој почнува денеска и ќе трае до 1 август во Битола.

Фестивалот започнува со традиционалното фолклорно дефиле низ Широк сокак од 18 часот, а свеченото отворање е од 20 часот на Ракометното игралиште.

Прва фестивалска вечер „Традиционална музика и игра“

Свечено отворање на фестивалот со орото „Комитско“
во изведба на КУД „Илинден“ Битола

1. Ансамбл „Македонија“ Скопје
2. КУД „Кирил Пејчиновиќ“ Теарце
3. АФС “Франце Маролт“ Љубљана, Словенија
4. КУД „Јахи Хасани“ Чегране, Гостивар
5. ЗФГ „Копачка“ Драмче Делчево
6. МКД „Браќа Миладиновци“ Осијек, Хрватска
7. КУД „Младост“ Јосифово
8. КУД „Јени Хајат“ Радовиш
9. КУД „Петофи Шандор“ Ласлово, Хрватска
10. АФ „Гоце Делчев“ Битола
11. Фолклорен Ансамбл „Пол’ана“ Брно, Чешка

Годинава на фестивалот освен културно уметнички друштва од Македонија ќе учествуваат и играорци кои ќе презентираат атрактивен фолклор од Чиле, Чешка, Словенија и од Грција.

На фестивалските сцени во Битола ќе настапат ансамблот „Лос дел Био Био“ од Чиле, „Полтана“ од Брно-Чешка, АФС „Франце Маролт“ од Љубљана-Словенија, „Филои Тис Парадосис“ од Кожани-Грција, а ќе гостуваат и три ансамбли од Хрватска.

Македонското културно уметничко друштво „Браќа Миладиновци“ од Осиек го негува македонскиот фолклор, КУД „Петофи Пандор“ од Ласлово го негува унгарскиот фолклор додека третото КУД од Хрватска, „Петар Прерадовиќ“ од Ѓурѓевац го негува хрватскиот фолклор. Но заслужено внимание ќе имаат и 30 македонски фолклорни групи кои освен на дефилето ќе настапат и во Старата битолска чаршија, Магазата, на Широк Сокак и на античкиот локалитет „Хераклеа“ каде ќе биде завршната интернационална фестивалска вечер

За време на 47. Републички фестивал на народни песни и игри „Илинденски денови“ ќе се одржи традиционалниот Семинар за традиционална музика и игра во Битола.

Согласно повеќегодишната практика, а со цел Семинарот за традиционална музика и игра да овозможи стручна и квалитетна едукација на кадрите, ангажирани се адекватни и компетентни стручни лица чија што професионална и стручна активност со години во континуитет е на високо ниво, кои ќе разработат и презентираат теми од областа на негувањето и презентацијата на традиционалната музика и игра.

Семинарот на традиционална музика и игра во Битола е воспоставен во 2009 година со цел да се овозможи стручна едукација и надоградба на кадрите кои се активно вклучени во процесот на живо егзистирање на традиционалните културни вредности во здруженијата на граѓани, групи и ансамбли чиј што предмет на работа претставува народната култура и фолклор.

Истиот овозможува размена на мислења, стручна расправа, континуираната едукација на постоечките и продуцирањето на нови кадри, како и креирање на нова свежина и напредок во процесот на зачувување и презентација на традиционалните вредности.

Без коментари