Денот на театарот се празнува ширум светот

0
380

Меѓународниот ден на театарот – 27 март, низ светот ќе се одбележи со претстави и читање на пораките за сценската уметност. Француската филмска и театарска глумица, 64-годишната Изабел Ипер, е автор на светската порака, а македонската порака ја напиша Благој Мицевски, костимограф, режисер, уметнички директор на Народниот театар од Битола.

-Во македонската порака Благој Мицевски вели дека театарот е рудник во кој уметниците секојдневно се спуштаат длабоко во окното на своето тело и душа и си посакуваат среќа. Таму го наоѓаат своето богатство, за потоа, секојдневно исправени пред публиката да кажат: „Еве ме, тука сум, сум бил и ќе бидам!“

– Многумина, исто така, ќе речат дека театарот има моќ да го менува светот на подобро. Сведоци сме дека тоа не е така, но, сепак, театарот има моќ да го менува човекот, да создава подобри светови од оној во којшто секојдневно живееме, да создава слики што порано не сме ги виделе, јазик што сите го разбираме и на кој заедно се смееме или плачеме, истакнува Мицевски.

Според него, театарот е храна и тоа онаа многу популарната – органска.

– Затоа што сами ја засејуваме, затоа што знаеме на каква почва ја одгледуваме, затоа што не ја прскаме со вештачки ѓубрива, туку ѝ подаруваме љубов, а не лажни ветувања. Храна, која иако понекогаш ни го превртува желудникот, нѐ прави да се чувствуваме добро и долго да живееме, вели Мицевски во пораката.

-Додека ви се обраќам, јас не сум јас, не сум актерка, јас сум една од многуте луѓе благодарение на кои театарот постои. Тоа е и наша должност, но пред сè наша потреба, како се вели: Не постои театарот поради нас, туку ние постоиме благодарејќи му нему. Театарот е силен. Тој се спротивставува и преживува сè: војни, цензури, сиромаштија, вели Ипер.

Меѓународниот ден е проект инициран од ИТИ – Интернационалниот театарски институт, меѓународно здружение на УНЕСКО основано со цел да се поврзат театарските работници и полесен проток на информации меѓу нив.

Битолскиот театар овој ден ќе го одбележи со изведба на најновата претстава Грилпарцер во секс шоп во режија на Јован Ристовски, а во изведба на Александар Копања и Елена Моше.