Десетици мигранти илегално ја минале грчко-македонската граница

0
679

Повеќе десетици мигранти од кампот Идомени во Грција успеале во сабота да ја преминат границата од Грција во Македонија, којашто е затворена од февруари, јавува агенцијата Франс прес.

Фоторепортерот на агенцијата видел група на мигранти во Гевгелија кои дошле од Идомени, каде повеќе од 10.000 мигранти веќе со недели престојуваат во лоши услови по затворањето на границите на балканската мигрантска рута.

Фоторепортерот на АФП, кој патувал со група новинари, видел најпрвин како едно лице излегува од грмушка, „Потоа видов уште двајца или тројца, а по нив уште 50 како седат во грмушката“, изјавил тој.

За да стигнат во Гевгелија, мигрантите од Идомени патувале три часа и морале да поминат и една река.

Групата мигранти, меѓу кои имало многу жени, деца, па дури и жена која носела мачка, потоа исчезнала од видикот на новинарите, изјавил фоторепортерот, додавајќи дека мигрантите изгледале исплашено и уморно.

Од македонското Министерство за внатрешни работи за агенцијата изјавиле дека не знаат дека се случил ваков инцидент.

„Немам такви информации. Но вакви илегални обиди за премин на границата се случуваат секојдневно и полицијата презема мерки за заштита на границата“, изјавил портпаролот на МВР, Тони Ангеловски.

Во Грција по затворањето на балканската тура се наоѓаат околу 54.000 мигранти, повеќето избегани од војната во Сирија./крај/мф