Девалвација на денарот не е можна

0
420

Имајќи ги предвид се почестите шпекулации кои во последно време се шират во јавноста, околу можноста да се случи девалвација на денарот, екипата на Банкарство.мк се обрати до Кабинетот на гувернерот на НБРМ со цел во јавноста да го пренесе ставот на гувернерот Димитар Богов.

Ставот на гувернерот на Народната банка на Република Македонија, г. Димитар Богов Ви го пренесуваме во продолжение:

Девалвација на денарот не е можна. Народната банка на Република Македонија е подготвена со сите инструменти што ѝ се на располагање да ја задржи стабилноста на девизниот курс и да се спротистави на сите шпекулации коишто беа креирани во последниот период.

Во 19 години историја на спроведување на стратегија на фиксен девизен курс, имало поизразени шокови како оние од 2001 година и 2009 година, кога државата беше соочена со безбедносен конфликт и светска финансиска и економска криза. Во 2001 година и во 2009 година извозот на стоки и услуги забележа поизразено годишно намалување, додека беше зголемена и склоноста на населението за девизна готовина и девизно штедење. Воедно, и 2015 година беше исклучително неизвесна година, а имаше комбинација од два изразени шока, политичка нестабилност и влијание од грчката криза врз домашните банки. Во сите овие години, стабилноста на девизниот курс на денарот беше успешно задржана преку комбинација на мерки на монетарната политика и интервенции на девизниот пазар со девизните резерви. Така и сега, доколку се јави потреба, Народната банка е подготвена да преземе мерки со цел стабилизација на курсот.

Тековното ниво на девизните резерви во моментот е исклучително високо од 2.260 милиони евра. Покрај ваквиот позитивен индикатор за апсолутното ниво и сите релативни индикатори коишто ги следи Народната банка (покриеност на увозот од наредна година со девизни резерви, покриеност на краткорочен долг со резудуално доспевање со девизни резерви и покриеност на парачна маса со девизни резерви и комбинираниот индикатор од ММФ) укажуваат на соодветно ниво на девизни резерви за справување со сите шокови. Тоа значи, дека и при поизразен притисок на девизниот пазар, Народната банка има доволно девизни резерви за интервенции со цел стабилизирање на девизниот курс.