Џафери од Крушево, Анѓушев од Пелинце за Илинден

0
592

Претседателот на Собранието, Талат Џафери денеска по повод Илинден од Мечкин Камен порача дека граѓаните имаат една заедничка татковина и тие се одговорни за нејзиното зачувување и за нејзин развој за идните поколенија. Сите кои живеат во Македонија, како што истакна, споделуваат уште една заедничка определба и сон, а тоа е целосна интеграција во ЕУ и НАТО. Но, за жал, според него, на патот за остварување на стратешките определби, пречка е спорот со Грција. Џафери порача дека е оптимист и дека е длабоко убеден оти ако се постапи зрело и сериозно ќе се надмине проблемот.

„Мнозинството и Владата работат на решавање на отвореното прашање и на други прашања за што побрзо да се посветиме на реформите, доколку скааме да се вратиме на брзата пруга за членство во НАТО и за почеток на преговори со ЕУ“, рече тој.

Во однос на договорот со Бугарија, Џафери изрази надеж дека релативно брзо ќе биде ратификуван во двата парламента. Периодот кој следи, според него, налага многу работа, тешки одлуки и решенија кои во разумен рок ќе резултираат со придобивки за сите граѓани.

Собранието, како што рече има капацитет и верува дека има и политички волја да ја исполни обврската од владиниот план 3- 6 -9, при што и другите солбови на власта, извршната и судската имаат капацитет да ги исполнат своите обврски.

Денеска во меморијалниот центар во Пелинце со голем народен собир и високи државни почести беа одбележани 73 години од формирањето на Првото заседание на АСНОМ

По повод прославата на Денот на Републиката – 2 Август денеска во меморијалниот центар на АСНОМ во Пелинце се одржа голем народен собир на кој што во името на Владата на Р. Македонија пред присутните за значењето и придобивките од АСНОМ говореше вицепремиерот на владата, Кочо Анѓушев.

Тој меѓу другото во својот говор присутните, но и пошироката јавност во државата уште еднаш ги потсети дека Илинден е еден, но дека тој во нашата историја на два пати блеснал и тоа прв пат во Крушево во 1903 година и втор пат овде во Пелинце во 1944 година и дека денеска нашиот единствен сон е да направиме фунционална држава во која што ќе владее правото и во која што подеднакво ќе има економски просперитет за сите граѓани во државата и тој сон да биде запаметено како наш Трет Илинден.

Без коментари