Џафери во понеделник ќе се координира со пратениците за локалните избори

0
389

Во понеделник претседателот на Собранието Талат Џафери закажа координација меѓу претставниците на сите парламентарни партии за локалните избори. Ако шефовите на пратеничките партии се договорат околу датумот за локалните избори, истиот ден можно ќе биде и одржување на собраниска седница за измени на законите за продолжување на рокот на надлежностите на градоначалниците.

Џафери вчера упати повик до политичките партии итно да разговараат за оваа проблематика затоа што се заканува блокада на локалната власт.

Вчера пратеникот Антонијо Милошоски од ВМРО–ДПМНЕ прв понуди конкретни датуми за локалните избори – јули, септември или во октомври.

Веднаш реагираше СДСМ и ја повика ВМРО-ДПМНЕ да прекине со манипулациите со датумите. „Да беше избрана новата влада, досега ќе беа распишани и локаланите избори. Повикуваме чесните и одговорни членови на ВМРО-ДПМНЕ да прифатат дека ВМРО-ДПМНЕ е опозиција и да се постават конструктивно во демократските процеси што водат кон избор на новата реформска влада, а потоа и распишување на локаните избори”, реагираше СДСМ.

Од Заедницата на единиците за локала самоуправа апелираат што е можно побрзо да се одржи собраниска седница и да најде решение за општините, бидејќи граѓаните може да се соочат со многуте последици од овој застој.

Четиригодишниот мандат на градоначалниците на општините и на општинските совети истекува во понеделник. Со измени во неколку закони можно е продолжување на мандатот на локалната власт до новите локални избори.

mkd.mk