Џелатот Џихади Џон ме тераше да играме танго

0
1124

Данскиот фотограф Даниел Рај (26), кој помина повеќе од една година во заробеништво на терористичката Исламска држава, го опиша бруталниот џелат на екстремистичката организација познат под прекарот Џихади Џон како бизарен садист што го терал да танцува танго со него, а потоа се заканил дека ќе му го искорне носот.

Во интервју за данската телевизија ДР, Рај рече дека еден од луѓето чиј заложник бил всушност бил човекот со црна качулка на главата што зборува на видеата со погубувањата што ИСИС ги објавува на интернет, а на кого британските таблоиди му го закачија прекарот „Џихади Џон“.

„Само ќе ме грабнеше и морав со него да играм танго… Главата ми висеше и се плашев дека ќе ме претепа. Ме носеше така по затворот, а потоа одеднаш само ќе ме фрлеше на подот, па ќе ме шутираше и тепаше. На крајот ми се закануваше дека ќе ми го искорне носот со клешти и слични предмети“, се сеќава Рај денес, пренесува Си-ен-ен.

Западните официјални лица го идентификуваа човекот како Мохамед Емвази.

Мајкл Вајс, коавтор на книгата „ИСИС: внатре во армијата на теророт“, вели дека Емвази покажува злокобен хумор кон мачењето, во стилот на „Пеколен портокал“.

Поранешниот аналитичар на ЦИА Аки Периц го опишува Емвази како гротескна личност, како и многу регрути на ИСИС.

„Момците што ја раководат таа организација, многумина од оние што ги надгледуваат заложниците, се вистински садисти“, објаснува тој.

www.mkd.mk