Џган-никој не е роден насилен

0
838

Поведен од слоганот дека „Никој не е роден насилен“, режисерот и сценарист Вардан Тозија го создаде најновиот македонски филм Џган.

Филмот е коментар за безбројните маргинализирани млади луѓе чија вистина е скриена зад лажните фасади на благосостојба и ветувања за подобра иднина. Коментар на таа, децениски непроменета состојба, вели Тозија, на битолската премиера во Центарот за култура.

Џган е филм со универзална приказна препознатлива за публика од која било земја. Главниот лик го игра Мартин Ѓоргоски.

Покрај Мартин тука се и професионалните актери-Дениз Абдула и Никола Ристановски, а во екипата се и Сара Климоска, Љупчо Тодоровски, Адем Карага, Горан Стојановски, Игор Стојчевски, Борис Дамовски, Марија Кондовска, Саша Чиникиќ, Ристо Буразденов и Мартин Живковски.

-Низа свирепи околности претвораат тивко и повлечено момче во суров, бескомпромисен водач на група отфрлени штитеници од дом за деца без родители. Заедно тие тргнуваат во слепа одмазда кон светот зад нивните ѕидови, што им нанел само болка и страдање.

Светот во кој за нив, постои само едно, заедничко име – Џган-ова е само дел од приказната во филмот.

Македонски продуцент на филмот е „Дрим фактори“, Огнен Антов, а копродуцент е „Ред хеликоптер филмс“ од Албанија. Музиката е на Александар Пејовски, директор на фотографија е Владимир Самоиловски. Дизајнот на шминката и маските се на Горан Игњатовски, костимограф Жаклина Крстевска, дизајн на звук Игор Поповски, сценографија Кирил Спасевски и Наташа Димитриевска, монтажа Атанас Ѓеоргиев, кастинг Кирјана Николовска.

Битолската публика имаше можност да погледне уште неколку остварувања на Тозија измонатиов период меѓу кои Човекот со чудна навика да ме удира со чадор по глава, Свиркачот, кој е дел од Скопје ремикс и други.

Како сценарист соработувал на Панкот не е мртов, на Замена – делот од омнибусот на Еуроимаж за Балканот насловен Некои други приказни и на 60-минутниот Лудило од 2008 -та година.