ДИК – До 17 часот излезноста 60,38 отсто

0
561

До 17 часот гласале 60,38 отсто од регистрирани гласачи, соопшти претседателот на ДИК, Александар Чичаковски на прес-конференција во 18 часот. Најголема излезност има во четвртата изборна единица каде гласале 67,15 отсто од гласачите. Во четворката се води битка меѓу лидерите на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, Никола Груевски и Зоран Заев. Најмала излезност, пак, има во шестата единица, каде гласале 48,82 отсто. Чичаковски вели дека не се забележани поголеми нарушувања на изборниот процес, освен граѓани кои не можеле да се најдат на списокот за гласање.

Во првата изборна единица гласале 66,38 отсто од гласачите, во третата изборна единица на гласање излегле 64,89 од избирачите, во двојката 59,76 отсто, во петката 58,39 отсто.

Од ДИК велат дека до нив стигнале 335 приговори од граѓани и најголем дел од нив се однесуваат на тоа дека не можеле да се најдат во избирачкиот список.

Сите приговори се отфрлени оти Комисијата утврдила дека граѓаните биле во категоријата со спорни записи, но не поднеле пријави до ДИК, иако како што велат од Комисијата, за тоа биле известени и на домашна адреса, а се водеше и медиумска кампања.