ДИК не кажува дали е завршена или не теренската проверка на избирачкиот список

0
299

На 3 април требаше да заврши теренската проверка на Државната изборна комисија. За два дена треба да се самораспушти Собранието, согласно одлуката за предвремени избори на 5 јуни. На 17 април треба да се објави конечниот избирачки список и да се стави на увид.

Проверката на околу 89.000 гласачи како дел од процесот на прочистување на избирачкиот список почна на 27 март, а требаше да заврши пред два дена. Еден ден пред завршување на рокот ДИК соопшти дека проверката е при крај и дека роковите ќе бидат исполнети.

Оттогаш нема никаква официјална информација за тоа како заврши теренската проверка. Се претпоставува дека анкетарите ја завршиле веќе работата, но се доцни со внесувањето на податоците од анкетните листови.

ДИК не соопштува и до каде е административната проверка на околу 100.000 гласачи.

Два дена пред распуштање на Собранието, нема најава кој ќе даде оценка дали се исполнети условите за фер избори на 5-ти јуни.

Амбасадорите на ЕУ и на САД вчера изјавија дека граѓаните и партиите треба да побараат одговор дали се исполнети сите услови за избори на 5-ти јуни, а врз основа на одговорите од релевантните институции, парламентот треба да ја донесе крајната одлука. Вчера, во интервјуа за две телевизии тие рекоа дека „институциите имаат уште многу работа за кредибилни избори на 5 јуни“.

www.mkd.mk