ДИК одби пријавите на граѓаните да влезат во упатството за теренска проверка на избирачкиот список

0
650

Државната изборна комисија (ДИК) на денешната јавна седница со мнозинство гласови го усвои упатството по кое ќе се врши теренската проверка на сите сомнителни податоци во избирачкиот список. Мнозинството гласаше против предлозите кои дојдоа од Игор Милев од СДСМ и Бедредин Ибраими од ДПА, кои предложија при утврдувањето на правилникот за теренската проверка да бидат земени предвид и пријавите за неправилности.

Имено, Милев предложи теренската проверка да се прави и по нечија пријава, откако ДИК би разгледал дали таа има основа, а Ибрами го прифати ваквиот предлог, но под услов граѓаните со пријавата задолжително да достават и документација која ќе послужи како доказ, бидејќи наведе примери со цел да укаже дека е можно лажно пријавување.

Членовите од ДИК долго дискутираат за тоа дали пријавите на граѓаните треба да се третираат како барања или по службена должност.

Засега, не е одредено времето за теренската проверка. Се знае дека почнува од понеделник, а упатството ќе ги земе предвид единствено сомнителните податоци кои ќе произлезат од вкрстувањето на податоците од неколкуте бази на податоци на институциите.

Сомнителноста ќе се определува и по одредени тестови, т.е прашалници – дали во еден стан живеат повеќе од 12 луѓе, колку ката ќе има една куќа… Со овие аргументи поголемиот број од ДИК одбија во упатството да влезат сите пријави на граѓаните.

Со оглед дека во сабота завршува вкрстувањето на податоците, најверојатно за викендот од ДИК треба да пристигнат информции за тоа колку сомнителни податоци треба да се проверат. На теренската проверка ќе присуствуваат набљудувачи и анкетари. Анкетарите се од Државниот завод за статистика.

По упатството за теренската проверка, како втора точка, членовите на ДИК дискутираа за критериумите по кои треба да се проверуваат пријавите, кои во голем број пристигнаа последнава недела откако беше објавена веб-апликацијата за гласачите низ земјава, т.е. електронскиот избирачки список.

Дел од членовите рекоа дека граѓаните се должни да даваат неправилности, пријави, кои не може да имаат својство на барања, туку на ДИК е обврска е да ги разгледува и потоа да решава кон нив во соработка со соодветен орган. Оттаму и потребаа за критериуми за пријавите, со цел да утврди дали има основа за нивно разгледување.

Како критериуми кои се расправаа, односно најчестите известувања што ги примиле ДИК се однесувале на лицата што не се државјани на РМ, а се вклучени во избирачкиот список, за лицата што не поседуваат важечки личен документ, потоа за оние што немаат наполнето 18 години, лицата што се на привремена работа или престој во странство, со последно живеалиште на дадена адреса, лица што немаат живеалишта на територијата на земјава, починати лица, на лицата без деловна способност.

www.mkd.mk