Димитар Илиевски – Мурато, првиот Македонец што го освои Монт Еверест

0
2691

Димитар Илиевски – Мурато  (29 септември 1953, Битола – 10 мај 1989, Непал) — македонски алпинист, познат како првиот Македонец што ја има освоено највисоката планина во светот — Монт Еверест. Се искачил на 10 мај 1989, по што не успеал да се врати во базниот логор и официјално се води како изчезнат.

Димитар Илиевски е еден од најголемите алпинисти во историјата на македонскиот алпинизам и спортот воопшто. Се одликувал со фрапантна љубов кон планините и непоколеблива амбиција за соочување со најтешките предизвици. Во својата богата алпинистичка кариера се има искачено на повеќе планински врвови.

Во негова чест на Пелистер подигнато е спомен-обележје. Посмртно ја има добиено наградата Медал за заслуги за Македонија.

На 10 мај 1989 година Димитар Илиевски – Мурато како член на македонската алпинистичка хималајска експедиција „Еверест ’89“ се искачи на највисокиот врв на светот Монт Еверест на Хималаите, за прв пат развиорувајки го југословенското знаме.

Искачувањето е направено од непалската страна преку ледоломот Кумбу во стил кој стана класичен и прифатен од сите експедиции кои го качуваат врвот од оваа страна. Базниот логор се поставува на морените под ледоломот на височина од 5370 до 5500 метри. Патот кон врвот се протега низ ледоломот Кумбу, потоа долината на тишината, падината под врвот Лоце и јужното седло, а вдолж него се поставуваат четири висински логори. Првиот висински логор е на височина од околу 6100 м, вториот е под Лоце на височина од 6200 м, третиот на самата Лоце на 7300 м и последниот на Јужното седло на околу 8000 м. Заедно со Диме на врвот во истиот ден се искачија и словенечкиот алпинист Виктор Грошељ, хрватскиот алпинист Стипе Божиќ и шерпасите Сонам и Аџива. Во четвртиот висински логор се наоѓал македонскиот алпинист Борче Јовчевски кој имал задача да биде логистичка поткрепа за јуришната екипа. Искачувањето до врвот траело околу 15 часа во услови на длабок снег. На врвот Диме и Стипе се задржале околу еден час. На симнување од врвот Диме останал најверојатно на височина од 8200 метри. Причината за неговата смрт не е разјаснета до денес бидејќи за целото време на искачувањето и симнувањето бил во одлична состојба често пати правејки патека во снегот и пред шерпасите. Се претпоставува дека застанувајќи за кратко на 8200 метри за да го почека Стипе, кој бил зад него и имал проблеми со светилката, Диме заспал.

Димитар Илиевски е првиот Македонец кој се има искачено на Монт Еверест и за долго време бил единствениот Македонец кој се има искачено на врв повисок од 8000 метри. Есента 2005 година во организација на комитетот на експедицијата и Македонската алпинистичка асоцијација, под базниот камп на Еверест е изграден споменик во чест на Димитар Илиевски.

Водач на Македонската алпинистичка експедиција на Монт Еверест беше Јован Попоски.

www.babambitola.mk