Димитровски самоиницијативно ја напушти селекцијата и „одлета„ за Азербејџан

0
785

Дефанзивецот на грчкиот тим Керкира, Владимир Димитровски самоиницијативно ги напуштил подготвките на македонската репрезентација. Димитровски без одобрување на селекторот Љубинко Друловиќ и без притоа да го информира техничкиот менаџер на А репрезентацијата Саша Ќириќ, во три часот по полноќ ја напушти базата на националниот тим заминувајќи во друга држава. Одлуката на Владимир Димитровски е причина селекторот да не смета на него на претстојните два натпревари на македонската репрезентација. „Не сметам на Димитровски и разочаран сум од неговото однесување. Јас сум најодговорниот во селекцијата и очекувам поинаков однос. Хиерархијата мора да се почитува, уште повеќе што сите репрезентативци имаат потпишано кодекс што смеат, а што не е дозволено кога се во А националниот тим. Димитровски ја наруши дисциплината во тимот, а за мене тоа е една од најважните работи. За вакви или слични постапки фудбалерите во останатите репрезентации добиваат драстични казни кои се рефлектираат и на клупските настапи. Не знам каква ќе биде одлуката со Димитровски, но мора на сите да им стане јасно дека ова не е начин да се добие нешто. Да побараше дозвола за што и да е, можевме да разговараме и да донесеме одлука“ изјави селекторот Љубинко Друловиќ за интернет страницата на Фудбалската федерација на Македонија.