Димов наследник на Штерјовски, пелистерци најавуваат бурен преоден рок

0
1843

Бившиот фудбалер на Пелистер и Вардар и до минатата сезона дел од стручниот штаб на Ѓоко Хаџиевски во Пелистер, Миле Димов ќе биде именуван за нов тренер на битолски Пелистер. Само еден ден по заминувањето на Зоран Штерјовски, кој најде ангажман во Грција, клубот од под Пелистер најде замена за испразнетото тренерско место. Димов одлично го познава амбиентот и голем дел од својата кариера мина во матичниот клуб. Тој беше дел од екипата која го освои единствениот Куп трофеј пред 14 години, а по завршувањето на играчката кариера неколку пати работеше во клубот. Најнапред како технички директор, па во два наврати како привремен тренерски избор и до минатата сезона еден од двата помошници на Хаџиевски. Пелистер под водство на Димитар Капинковски ќе тренира се до крајот на следната недела, а потоа фудбалерите заминуваат на четиринеделен одмор. Пелистерци пак ќе се соберат на 10. јануари и првата недела ќе тренираат во Битола, а потоа ќе заминат на десеттодневни подготовки во Негорски бањи. Клубот веќе започна преговори со неколку фудбалери кои ќе го засилат тимот во зимската пауза, а се најавуваат големи промени и доведување на 6-7 новајлии. Пелистер најмногу измени ќе направи во офанзивната линија. Есенскиот дел од шампионатот, екипата од под „Тумбе кафе“ го заврши на четвртото место со четири бода помалку од водечките Љубанци и Македонија Ѓорче Петров.

Без коментари

LEAVE A REPLY