Димовски: Изборниот модел останува ист, а дијаспората ќе има свои пратеници

0
398

На преговорите меѓу четирите најголеми партии во рамките на преговорите од ткн Договор од Пржино за надминување на политичката криза, во средата е договорен Изборниот законик, според кој изборниот модел ќе остане ист како и досега, а спорното прашање за гласање на иселеништвото е моделирано во една изборна единица којашто ќе дава три пратенички мандата, a во Државната изборна комисија нема да важи правилото на Бандентер, рече претставникот на владејачката ВМРО-ДПМНЕ на преговорите, Илија Димовски

„Изборниот модел останува ист – со шест изборни единици со по дваесет пратеници, финансирањето на политичките партии, она што неколку медиуми се обидуваа денеска да спинуваат е решено прашање уште пред една седмица. Значи максималниот праг кој што ќе може политичките партии да го искористат за финансирање на изборната кампања ќе иснезува 110 денари. Тука би сакал да потенцирам дека досега во историјата на Македонија ниту една партија не го искористила тој максимум и ова прашање беше затворено пред една недела, значи апсолутно не беше тема на дискусии во последната седмица“ од преговорите во Клубот на пратениците, рече Димовски, член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, одговарајќи на новинарски прашања.

Истакна и дека е постигнат договор иселениците да имаат своите пратеници. „Тие ќе се бираат на пропорционален модел, како и во Македонија, односно ќе има една изборна единица во којашто ќе се избираат три пратеника со потребен минимум од гласови колку што е и во Македонија, малку повеќе од 6.000 гласови за да се избере еден пратеник, но ќе се бираат сите три на една листа“ појасни Димовски.

Во однос на другите обврски коишто произлегуваат од договорот, Димовски одговори дека што се однесува до најактуелното или „законот за справување со незаконските материјали и законот за укажувачите, на англиски „WhistleBlowers“, тие два закона треба да бидат донесени до 20-ти октомври, и тоа е прифатено од сите политички партии, иако СДСМ го негираше на почетокот“.

Според него таква согласност дале на разговорите за двата закона, генералниот секретар на најголемата опозициска партија СДСМ, Оливер Спасовски.

Претставникот на владејачката партија, исто така, напомна дека 20-ти октомври треба да се промени и Законот за Влада за да може да се изберат оние нови дополнителни заменици и министри и да се решат тие неколку кадровски прашања.

„Ние сме тука подготвени за разговори, се надеваме дека и сите други политички партии ќе се спремни да опстојат на идејата да се спроведе договорот и да се одржат одржат предвремените парламентарни избори на 24-ти април“, порача Димовски.

На новинарското прашање за текот на договарањата за медиумите и со Државната изборна комисија, Димовски посочи дека делот кој се однесува на медиумите е поврзан со изборите и е исто така регулиран со Изборниот законик.

„Генерално, остануваат повеќе или помалку истите одредби како што беше и досега во делот со медиумите, а во врска со ДИК во одредени случаи ќе може во насока на заштита на интересите на заедниците, на немнозинските заедници, по претходно барање ДИК наместо со апсолутно мнозинство коешто е генерално правило, но по барање заради заштита на интересите на не мнозинските заедници ќе има обврска ДИК да гласа консензуално, а доколку ДИК не донесе одлука, надлежен таквата одлука си приминува по логиката на нешта во Управен суд, како што и беше така утврдено“, појасни претставникот на ВМРО-ДПМНЕ.

Димовски во одговорот во врска со прочистувањето на избирачкиот список потсети на изјавата на неговиот сопартиец Антонио Милошевски од пред неколку дена дека СДСМ се откажале од барањето за активна регистрација, и додаде дека ВМРО-ДПМНЕ секој предлог .

„Ставот на ВМРО-ДПМНЕ беше дека избирачкиот список е таков како што е и оти денеска ги исполнува стандардите за одржување фер и легитимни избори, но понудивме опција до сите три политички партии каков и да е предлог што ќе го успогласат и којшто ќе значи зголемување на нивната доверба во изборниот процес, односно во избирачкиот список, за нас е прифатлив поради тоа што навистина нема што да се крие, што на крај се докажа со откажувањето на СДСМ од таквата активната регистрација. Нивните тврдења дека изборите не биле фер и не биле легитимни заради не знам колку илјадници луѓе допишани, запишани во избирачкиот список, сами си ја негираат со повлекување од тој предлог“, рече.

„Идејата којашто ќе биде дел од изборното законодавство е да се компарираат сите дата бази во државата, значи сé она што може да се искористи, без разлика дали е тоа се податоци од центрите за социјални грижи, од Министерството за образование, односно училиштата, од Управата за јавни приходи, од Катастар регистерот, од Министерството за внатрешни работи со издадени лични карти, издадени пасоши, значи сите вакви дата бази ќе се искомбинираат ќе се проверат. Доколку некоја личност ја нема на тој список, тогаш ќе се поведе веројатно некоја специјална постапка. Инаку генерално според таква регулатива којашто поставивме избирачкиот список, по мое лично очекување, горе-долу, ќе остане и во својот квантитет и во својот квалитет ист“, заклучи Димовски по завршувањето на преговорите во Клубот на пратениците./крај/мф/сн