Дипломатите на Пелистер

0
482

Претставниците на дипломатскиот кор заедно со својот домаќин, претседателот Ѓорге Иванов го посетија Националниот парк „Пелистер”.

За време на престојот на планината Баба, амбасадорите го посетија инфо-центарот на НУ Национален парк „Пелистер”, пешачеја до ски центарот „Копанки” и беа почестени со планински чај во хотелот „Молика”.

„Оваа средба е прекрасна бидејќи има многу повеќе амбасадори отколку на вообичаените средби во Скопје. Паркот е прекрасен и ги потврдува своите можности за развој на различни спортови и посебно планинарењето кое е се попопуларно во Европа. Сакам да потсетам дека токму тука на оваа планина пред 100 години во јануари 1916 година се водеа војни, и ова е момент да се одбележи годишнината од потпишувањето на Елисејскиот договор и да се порача дека не треба да има поделби и напротив заеднички да гледаме во иднината и Македонија да биде дел од Европа”,рече француската амбасадорка Лоренс Оер.

За убавините на Пелистер говореше и амариканскиот амбасадор Џес Бејли кој потврди дека повеќе пати доаѓал во Националниот парк „Пелистер”.

За дипломатскиот кор во Република Македонија, градоначалникот на општина Битола Владимир Талески и претседателот на Регионалната стопанска комора Мирко Велковски приредија куса презентација за економскиот потенцијал и инвестициски можности што ги нуди Битола.

„Очекувам наскоро да почне изградба на фабриките во индустриската зона „Жабени”, односно 2 турски и 3 италијански компании. Амбасадорите ги информирав дека во 2016 година очекуваме и други инвестиции за што како општина нудиме целосна поддршка. Довербата е изградена и почнуваме процес за позитивното живеење на граѓаните отворајќи нови работни места. Мислам дека успешно ја искористивме приликата да ги презентираме нашите потенцијали и можности на градот пред највисоките претставници на разни држави, односно дипломатскиот кор во Република Македонија. Нудиме максимална поддршка. Почнуваме една нова ера и со нови конкретни проекти ќе го намалуваме бројот на невработените во нашата општина. Само за потсетување, во мојот прв мандат имавме околу 18.500 навработени, а според последните податоци сега се околу 7.000 невработени, а со плановите што ги имаме оваа бројка во наредниот период ќе ја преполовиме со што целосно ќе го решиме проблемот со невработеноста,, рече градоначалникот на општина Битола, д-р Владимир Талески.