Дипломатска војна меѓу Турција и Германија заради сатирична песна

0
438

Турското министерство за надворешни работи го повикало германскиот амбасадор во Анкара на разговор поради сатиричен прилог на германскиот јавен сервис НДР во кој се критикува авторитарното однесување на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, јавува Шпигл.

„Германскиот амбасадор во Турција Мартин Ердман морал два часа да се правда поради двеминутниот прилог во емисијата Екстра3 на Северногерманската радио телевизија НДР. Притоа не станувало збор за вообичаена размена на мислења, како што е обичај во дипломатскиот кор, туку за повикување на ред во невообичаено остар тон“, јавува неделникот Шпигл повикувајќи се на дипломатски извори.

Турските државни функционери на германскиот амбасадор му се жалеле на сатиричната песна „Ердо-кој, Ердо-каде, Ердоган“ (Erdowi, Erdowo, Erdogan), преработка на хитот на пејачката Нена од осумдесеттите „ Irgendwie, irgendwo, irgendwann“, во која се критикува односот на Ердоган кон медумите, но и неговиот луксузен животен стил.

„Новинар кој нешто ќе напише, што на Ердоган не му е по воља, веќе утредента е во затвор“, се вели во еден стих, додека во друг се пее за „фалбаџијата од Босфор кој живее на висока нога“.

Турските власти неодамна одбија да му ја продолжат акредитацијата на дописникот на Шпигл од Турција, кој беше познат по отворениот и критичкиот однос кон начинот на владеење на Реџеп Таип Ердоган.

 

Без коментари

LEAVE A REPLY