Дневникот на лудиот ја воодушеви битолската публика

0
562

Подвижниот музички театар (Moving Music Theatre-MMT) од Битола чиј основач и уметнички директор е композиторот Марјан Неќак, со претставата Дневникот на лудиот, е добитник на наградата од публиката на 18-тото издание на Интернационалниот фестивал на монодрама Битола 2016.

Оваа награда доаѓа само ден подоцна, после трите освоени награди на Меѓународниот фестивал на мали сцени во Риека.

Во интервјуто за Тера телевизија актерот Озрен Грабариќ, за соработката со Неќак, вели:
– Со Марјан се запознавме кога работевме на еден проект на Улисес театарот на Бриони, на Раде Шербеџија и на сплитско лето. Проектот го режираше Сташа Зуровац, Марјан ја напиша музиката, а јас играв во претставата.Дневникот на лудиот одамна сакав да го работам како текст, па ете со Марјан работевме на тоа дело 9 месеци и резултатите ги гледате.

Монооперата „Дневникот на лудиот“ од Гогољ во режија на Марјан Неќак, во која видеото го изработи Марин Лукановиќ, гостуваше на фестивали во Сплит, Бриони, минатата година беше изведена и на фестивалот „Охридско Лето“, а за најдобра претстава беше прогласена минатата есен во Загреб.
Moving Music Theatre (MMT) создава современа музика за театар и танц, современи форми на опера, музички и театарски експериментални изведби.

Пролетната турнеја на ММТ-Битола почна со изведба на монооперата „Дневникот на лудиот“ на фестивалот во Опатија, а продолжи со три изведби во Загреб на новата сцена за независен театар „Рибњак“. После фестивалот во Битола следува летната турнеја низ Хрватска.