Дневникот на лудиот најдобра претстава на фестивалот ИНФАНТ

0
650

Наградите на 43-тото издание на Интернационалниот фестивал на алтернативен и нов театар ИНФАНТ во Нови Сад, ги однесоа претставите Дневникот на лудиот на Moving music theatre од Битола, Хинкеман на театарот од Загреб на млади ЗКМ, која е прогласена за најдобра во целина и Само мое, на Станица- центар за современ танц од Србија.
Наградата за исклучителна експресивност на граница помеѓу театарот и останатите уметности, или креација во најширока смисла, доделена е со најголем број на гласови на Дневникот на лудиот, која македонскиот композитор и режисер Марјан Неќак, ја постави по истоименото дело на Гогољ.
Оваа претстава го реафирмира музичкиот театар на еден нов и ефективен начин, истакна жирито на фестивалот Инфант, додавајќи дека овој проект, делува како чист театарски израз, притоа однесувајќи се со почит кон текстот и кој ја заснова драматургијата на музичката структура, ангажирајќи ги современите средства во дизајнот на звучната и визуелната слика.
Посебно е истакната интерпретацијата на актерот Озрен Грабариќ, која укажува на супериорноста на актерската игра во однос на новите техничко технолошки можности во театарот, се наведува во соопштението на жири комисијата на која претседател беше актерот и режисер Немања Ранковиќ од Србија, а членови: архитектот Милјана Зекобиќ,доцентот на универзитетот во Нови Сад и театролог и театарски критичар Гоце Ристовски од Македонија.
Фестивалот ИНФАНТ во досегашните изданија, успеа да имплементира нов израз и алтернативни театарски размислувања во современото театарско творештво.