Додека новинарите протестираа, Ванхауте ја одложи средбата за медиумите

0
685

„Не во наше име“ порачаа новинарите од пред Клубот на пратениците, со цел како што велат да ги предупредат  политичарите дека не можат да носат одлуки за медиумите без вклученост на најзасегнатите.

ЗНМ, Самостојниот новинарски синдикат и МИМ, кои го предводеа протестот, изразија сомнеж дека четирите политички партии, не сакаат вистински системски промени за подобрување на состојбата со медиумите. Новинарите побараа поголема транспарентност во преговорите  и ги повикаа претставниците на ЕУ и САД, како гарантори на Договорот од Пржино, да не дозволат да се шверцуваат, како што рекоа, решенија зад грбот на новинарите, кои нема да бидат во нивна корист.
Додека новинарите протестираа, средбата на работната група во последен момент беше откажана. Од канцеларијата на белгискиот посредник Питер Ванхауте стигна писмено известување дека работната средба се одложува, поради дополнителни консултации.
Денешната средба на работната група е одложена поради консултативни средби за подготовка на конкретни предлози во врска со законите поврзани со медиумите, врз основа на досегашните дискусии со политичките партии и засегнатите страни. Овие предлози ќе бидат дискутирани во работната група во следниве денови.
Рокот за договор за медиумите, истекува утре, а партиите досега требаше да најдат заеднички решенија за реформи во Јавниот сервис, Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, државната МИА и измени на зкаонот за медиуми, кои треба да обезбедат поголема независност и слобода во медиумскиот простор, што беше една од забелешките во извештајот на Рајнхард Прибе.