Доделени наградите на 52-от МТФ”Војдан Чернодрински”

0
493

“Трудна приказна“ на театар Комедија го понесе епитетот најдобора претстава на годинашниот МТФ „Војдан Чернодрински“, соопшти жирито на фестивалот во состав Митко Маџунков, Братислав Димитров и Слободан Деспотовски. Претставата се закити со уште четири награди: за најдобра женска улога за Јелена Жугиќ, за најдобра машка и женска епизодна улога за Жарко Димоски и Ева Скендеровска, а драмскиот автор Благица Секуловска за најдобар текст.
Според претседателот на жири-комисијата Митко Маџунков, комисијата имала критериуми според кои се раководела:

– Протежиравме, ако така може да се рече, претставата да има современа тема, врзана со македонската традиција, ако може и да покаже врвен квалитет. Сето тоа го имаше претставата „Трудна приказна“ која ја доби и наградата за најдобар текст на Благица Секуловска. И публиката реагираше, рече Маџунков.

Најдобар режисер е Љупчо Ѓорѓиевски за претставата „Лазаревото писмо“ што ја изведе штипскиот театар. Ѓорѓиевски, според жирито, направи и најдобра современа сценска драматизација на истоимениот расказ на Живко Чинго.

Најдобар актер на Фестивалот е Јовица Михајловски за улогата на Шајлок во претставата „Венецијанскиот трговец“ на Драмски театар. Прилепскиот театар „Војдан Чернодрински“ доби признанија за најдобра колективна игра и за најдобра сценографија со претставата „Љубовни пози на историјата“.

Наградата за млад актер „Трајко Чоревски“ ја понесе Стефан Вујисиќ за улогата на Порција во претставата „Венецијанскиот трговец“ на Драмски театар, а најградата за млада актерка и е доделена на Сања Русеска за улогата на Мира во претставата „Хај-фај“ во изведба на кумановскиот театар.

Годинава, според жирито на Фестивалот најдобри беа костимите што ги направи Раде Василев за претставата „Ана Комнена“ на Велешкиот театар. Оваа претстава ја доби наградата за најдобар рекламен материјал, за Филип Коруноски.

Наградата за најдобра музика му се доделува на Марјан Неќак за музиката во претставата „Лазаревото писмо“ на Штипскиот театар, а Турскиот театар со претставата „Отело“ ја понесе наградата за кореографија и сценски движења.

Наградите беа доделени на сцената од Домот на културата „Марко Цепенков“, а со изведбата на мјузиклот „Тајно Моја“ официјално е затворен годинашниов 52. МТФ „Војдан Чернодрински.

Битолскиот театар учествуваше со претставата Злосторство и казна.