Доделени наградите за најубаво новогодишно украсен простор

0
462

Традиционално, и оваа година општината Битола им додели награди на правните и физичките лица кои учествуваа на конкурсот за „Избор на најубаво новогодишно украсен простор” и покажаа најголема инвентивност и ентузијазам во украсувањето на своите објекти. Наградите беа доделени во три категории: Најубаво новогодишно украсени куќи и дворови (7 награди), Најубаво новогодишно украсени станбени згради и балкони (5 награди), Најубаво новогодишно украсени институции и угостителски објекти (1 наградa). Во најтесна конкуренција влегоа 15 објекти од кои 13 освоија и награди. Големиот интерес оваа година е потврда за стимулативното влијание кое го има општината со објавувањето на конкурсот. При изборот комисијата имаше доста работа со наградувањето на физичките лица, затоа што таму интересот беше најголем, додека од правните лица единствен пријавен субјект беше ГП Пелистер, односно објектот стаклена зграда кој освои и прва награда.

Прва награда во категоријата најубаво новогодишно украсени куќи и дворови добија: Гинтер Просер ул.Девејани бр.7а и Благојче Ѓоргиевски ул.Ѓорче Петров бр.6-б, втора Михајло Христов ул.Елпида Караманди бр.6 и Благојче Јанкуловски ул.Цане Бујуковски бр.1, а трета Александар Дамчевски ул.Браќа Миладиновци бр.44, Сарах Цоллинс ул.Мирче и Танче Живкови бр.2 и Димовска Славица ул.Охридска бр.174. Во категоријата најубаво новогодишно украсени станбени згради и балкони првонаграден е Игор Лозановски ул.Кочо Рацин бр.42/1-14, второнаградени се станбена зграда на ул.Смилевски конгрес бр.21,Софијанка Ристевска ул.Новосадска бр.10 и Апостоловски Пеце и Јанковски Кире ул.Струшка бр.15, додека трета награда доби Моника Милошевска ул.Ѓорче Петров 1/20. Меѓу добитниците има и такви кои се повеќепати наградени, но радува фактот што секоја година интересот се зголемува, се јавуваат нови граѓани, а некои од нив како на пример годинава Михајло Христов и сами произведуваат дел од украсите. Во таа насока, градоначалникот ги повика сите заинтересирани со свои идеи за уредување на општината да аплицираат во текот на целата година:

„Голема благодарност до сите граѓани и вработените кои учествуваа во украсувањето и со тоа придонесоа општина Битола и оваа година да биде најубаво украсената општина. Им честитам на наградените и верувам дека ова е за нив вистинска стимулација. Верувам дека интересот и понатаму ќе се зголемува, а со тоа заеднички ќе придонесеме во се поубаво новогодишно украсување, но и уредување на зелените и други површини во општината”, изјави градоначалникот на општина Битола, д-р Владимир Талески.

Наградата за најубаво новогодишно украсен простор што ја доделува општината и оваа година е парична.