Договорот од Пржино пред колапс

0
249
Пробивањето на роковите, но и на денешниов ден кој белгискиот посредник Питер Ванхауте го постави како краен датум за враќање на преговорите го става договорот од Пржино пред колапс.
Во наредниве денови и официјално ќе се знае дали договорот и официјално ќе биде прогласен за мртов и со тоа земјава ќе влезе во уште посериозна криза или ќе се прават дополнителни напори за да се вратат преговорите.
Вчера европскиот олеснувач одржа билатерална средба со ВМРО-ДПМНЕ, но не се соопштуваат детали од разговорите.  Не е познато дали ќе има иста таква средба и со СДСМ, од каде велат дека досега Ванхауте не ги повикал на средба, ниту вчера имало, а ниту денеска е закажана.
Нема ниту најави за продолжување на работните групи. За тоа што ќе биде преземено најверојатно ќе се знае утре, бидејќи во вторник Европската комисија треба да го затвори извештајот за напредокот на земјава.
Партиски извори велат дека како последна шанса се бара постигнување брз договор на лидерите на политичките партии, но и ова останува неизвесно поради тоа што лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски викендов замина за Обединетите Арапски Емирати.
За кршењето на договорот ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ се обвинуваат меѓусебно. СДСМ на вчерашната прес конференција рече дека според нив, владејачката партија го прекрши договорот од моментот кога не беше комплетиран составот на специјалниот јавен обвинител, додека од ВМРО-ДПМНЕ велат дека СДСМ излегува со нови барања и дека треба договорот да се почитува онака како што е потпишан.