Досега 11 сојузни држави одбија да примат бегалци од Сирија

0
400

Откако претходно во понеделникот поради петочните терористички акти во Париз во кои се истражува ткн „сириска врска“ гувернерите на американските сојузни држави Алабама и Мичиген, објавија дека повеќе не сакаат да примаат бегалци од Сирија, уште девет држави во САД одбија да прифаќаат бегалци од безбедносни причини.

Како што објави во понеделникот вечерта американската телевизиска мрежа CNBC, сојузните држави Тексас, Мичиген, Флорида, Илиноис, Северна Каролина, Луизијана, Индијана, Арканзас, Аризона, Алабама и Масачусетс објавиле дека не сакаат повеќе да примаат бегалци од блискоисточните земји, стравувајќи од можноста да се случат слични атентати како и во Париз.

Истовремено, портпаролот на Стејт департментот, Марк Тонер, изјави дека САД не планираат да ги променат своите планови за прифаќање на сириските бегалци од војната којашто речиси пет години ја пустоши нивната татковина.

„Сé уште имаме намера да се придржуваме до планот на претседателот за прифаќање на најмалку 10.000 сириски бегалци во САД во 2016 година. Сметаме дека тоа ќе можеме да го сториме, осигурувајќи ја безбедноста“, изјави Тонер, истакнувајќи дека бегалците коишто доаѓаат во земјата минуваат низ исклучително темелна проверка, во којашто се вклучени неколку агенции.

Во септември портпаролот на Белата куќа, Џошуа Ернест, изјави дека САД планираат следната година да примат најмалку 10.000 сириски бегалци. Од почетокот на сирискиот конфликт во март 2011 година, САД на својата територија дозволија влез на 1.500 бегалци од оваа блискоисточна земја. Во тековната фискална година САД имаат намера да издадат дозволи за престој на уште 300 сириски бегалци.

Бројот бегалци од разни земји, коишто може да дојдат на американска територијата се одредува на годишно ниво врз основа на закони коишто ги носи Конгресот на САД. Во текот на трите последни години, вкупната квота останува неизменета на ниво од 70.000. За следната година администрацијата на претседателот Барак Обама планира да ја зголеми до 75.000 луѓе./крај/мф/сн

Без коментари

LEAVE A REPLY