Доза на сатира за здрава демократија

0
677

На 25 март (сабота) 2017 од 11:00-13:30 ч. во Американското катче во Битола, ќе се одржи ПРВАТА ИНФО-РАБОТИЛНИЦА од проектот ДОЗА на САТИРА за ЗДРАВА ДЕМОКРАТИЈА.
Организатор: ОСТЕН АРТ Скопје, поддржан од Американската амбасада во Македонија преку Програмата за доделување грантови за развој на демократијата.

За сите млади, будни и љубопитни лица од 14-20 годишна возраст, кои сакаат да научат нешто повеќе за карикатурата како визуелен медиум и за нејзината моќ во креирањето на критичката мисла во едно демократско општество.

Ќе имате можност да се запознаете одблиску со карикатурата – уметноста на пренесување на пораки, при тоа забавувајќи се со дигиталните творби на нашите пријатели-карикатуристи од целиот свет, кои со вас ќе ги споделат своите погледи, критики и размислувања на тема “демократија”, зашто: “карикатурата е најдемократскиот начин на изразување во секое општество”! (Карел Чапек, чешки писател номиниран за Нобелова награда )

Заради просторни ограничувања, првите 25 учесници кои ќе се пријават на настанот ќе можат да земат учество, а од нив 10 момчиња и девојки ќе имаат можност да бидат дел од креативните работилници на ДРАГАН ПОПОВСКИ – карикатурист кои ќе се одвиваат во галерија ОСТЕН во септември 2017.

Следните инфо-средби / работилници ќе бидат во Американските катчиња во Тетово, Штип и Скопје.

КАРИКАТУРАТА е најстарата уметност. Во првите обиди да изрази нешто со зборови, човекот сеуште не можел да говори и притоа “соговорникот” му подавал јаглен од огнот во пештерата за да ја нацрта пораката на ѕидот, за воедно да ја разбере истата. Така се родила прабабата на карикатурите. Тоа биле и почетните обиди за шега и смеа, а меѓу другото и смеата го разликува хомо сапиенсот од животните. Затоа карикатурите одиграле клучна улога за интелектуалниот развој на нашите претходници. Не случајно првите човечки цртежи комбинираат во себе графички знаци и сиже, кои се подоцна основа за почетокот на писменоста, на азбуката. Така антропологијата станала најсмешната наука.

КАРИКАТУРИСТИТЕ се витези на доброто. Тие ја казнуваат неправдата, ги обелоденуват гревовите и сами се казнувааат, но никогаш не за долго. Во моментот кога ја објавуваат својата весела пресуда, тие продолжуваат напред кон други ветерници, како Дон Кихот.