Дождови и поплави во централна Европа, петмина мртви

0
523

Големи дождови зафатија делови од Франција, Германија и Австрија, при што четири лица загинаа, патишта се отсечени, луѓето чекаат помош на покривите, а училиштата од среда се затворени

На југо-источната граница на Германија со Австрија, во покраината Баварија, пожарникарите и другите итни служби имаат премногу работа, а граѓани постојано пријавуваат отсечени патишта и однесени мостови. Некои жители спас од невремето најдоа на покривите од своите куќи.

„Поплавите дојдоа толку брзо што луѓето мораа да избегаат на покрив“, вели портпаролот на регионалната полиција на Долна Баварија, додавајќи дека многу улици се нeпроодни.
Во градот Трифтерн, околу 50 деца и 25 возрасни останаа заробени во училиштето откако водите што надојдоа го отсекоа објектот.

Во Австрија пак, силни дождови има во регионот на Салцбург, каде се поплавени неколку патишта, а неколку училишта во четврток се затворени.

Пет тела се најдени во Франција и во Германија, во среда, од кои три заедно во куќа во Германија. Тројцата биле заробени во куќа во Симбах на југот од Германија, а локалните власти и полицијата објавија дека можно е да има уште луѓе заробени во приземјето.  Уште едно тело на жена е најдено неколку километри подолу.
Телото на 86-годишна жена е најдено како плива во куќа во централна Франција, делови од земјата кои со слична поплава биле погодени пред 100 години.

Во еден случај во јужна Баварија, итните служби спасиле 20 членови на школска група кога брод кој пловел по реката Реген, бил зафатен од бурата.

Во невремето кое трае неколку денови, уште четворица загинаа а десетици беа повредени во јужен Баден – Вуртемберг, меѓу неделата и понеделникот.

Прогнозата за времето за Франција во четврток е лоша, со тоа што има предупредувања од уште дождови.

Во Париз, многу шеталишта во близина на реката Сена се затворени поради надојдените води, а според градските власти се очекува нивото ан водата да порасне уште за еден метар.