Драмата во ресторанот во Германија поради семејна кавга наводно на Македонец

0
725

43-годишниот Роберт Сандев за кого медиуми наведуваат дека е по потекло од Македонија и е поранешен сопственик или шеф во ресторанот „Дубровник“ во кој во неделата се забарикадира, е совладан по акција на полицијата во западниот германски град Саарбрикен, а инцидентот нема врска со тероризам, туку најверојатно станува збор за семејна кавга, објави германската полиција.

Во полицијата во градот Саарбрикен велат дека мажот бил пронајден како спие во подрумот од ресторанот, и спротивно на претходните извештаи, не бил вооружен.

Имал полесни површински повреди и е префрлен во болница, соопштил портпаролот на полицијата. Според него, станува збор за поранешен вработен во ресторанот и немал никакво барање во контактот со полицијата, ниту, пак, некому се заканувал.

Локалните медиуми го идентификуваат како 43-годишниот Роберт Сандев, кој наводно потекнува од Македонија. Тој пред една година на локалната телевизија гостувал со сопругата во емисија во којашто го претставил неговиот ресторан, но подоцна на полицијата ѝ бил познат како лице со психички пречки.

Сандев претходно во неделата крвав упаднал во ресторанот во кој уште немало гости ниту персонал, освен чистачката. Наводно барал да дојде неговата сопруга која, исто така, работела во ресторанот и од којашто неодамна се развел.

Сопругата потоа ја известила полицијата, а бидејќи се сметало дека е вооружен и дека држи заложници, во акцијата биле испратени припадници на специјалните полициски сили SEK. Но по влегувањето во ресторанот го откриле Сандев како невооружен спиев подрумот.

Некои медиуми од регионот наведуваат дека станува збор за лице од македонско потекло, меѓутоа на неговата Facebook страница на која последниот пост е од 22-ри мај во идилична атмосфера, се наведува дека е од Дубровник, а истоимениот ресторан се рекламира и како „хрватски“ и како ресторан со „ориентални специјалитети“. Според медиумите, бил зет за сестра на сосптвеникот на локалот, а на фотографиите има многу Македонци и коментари во тој контекст./крај/мф/сн