ДУИ е на иста линија со меѓународната заедница

0
629

Денеска за првпат лидерската средба на партиите потписнички на договорот од Пржино се одржа без лидерот на владеачката партија Никола Груевски. Лидерите на ДУИ, СДСМ и ДПА, Али Ахмети, Зоран Заев и Мендух Тачи денеска неколку часа разговараа за процената на меѓународната заедница дека нема услови за кредибилни избори на 24 април.

Четири часа траеше нивната средба која заврши без изјави. ВМРО-ДПМНЕ денеска соопшти дека останува на определбата изборите да се одржат на 24 април, дека ја прекинува комуникацијата со посредникот на ЕУ Питер Ванхојт, но не даде објаснување зошто Груевски не присуствуваше на средбата во Клубот на пратениците во Скопје.

 По излегувањето од Клубот на пратениците кратка изјава даде само Али Ахмети кој рече дека неговата партија нема да влезе во конфронтација со меѓународната заедница и дека ДУИ е на иста линија со меѓународната заедница. „Партиите не смеат да дозволат договорот од Пржино да пропадне. Сега сме во многу незавидна ситуација затоа што нема согласност од сите домашни страни да се почитува Изборниот законик што сме го донеле со 108 гласа за во Собранието во Република Македонија. Тогаш договоривме избори да има на 24 април. Сметам дека има уште простор да се разговара и преговара во врска со тие неисполнети прашања во Државната изборна комисија. Средбите треба да продолжат и да се постигне компромис и согласност меѓу сите страни“, рече Ахмети и додаде дека пропаѓањето на договорот значи почеток и продлабочување на политичката криза во Македонија.
www.mkd.mk