ДУИ е за оставка на Иванов, СДСМ за одлагање на изборите, ВМРО-ДПМНЕ за избори на 5 јуни

0
803

Нема никакви официјални информации за тоа дека политичките партии и претставниците на меѓународната заедница, по пропаѓањето на средбата во Виена, прават нешто за надминување на политичката криза. Целосно затишје. Само ДУИ од пред два дена ja разбрани jавноста, пишува МКД.МК.

Најпрво лидерот на ДУИ Али Ахмети во интервју за австрискиот весник „Стандард“, на прашањето за изборите во Македонија одговорил: „Кои избори, се шегувате“?

Евентуалната конечна одлука на ДУИ за неодење на избори, заедно со претходно најавениот бојкот на изборите од најголемата опозициска партија СДСМ, може да повлече и целосно одложување на изборите.

Ваквата промена на ставот на ДУИ искажана преку изјавата на шефот на партијата Али Ахмети, вчера ја објаснуваше партискиот портпарол Бујар Османи, кој даде неколку варијанти за можно надминување на кризата.

Тој вели дека одлуката за избори на 5 јуни е донесена од четирите најголеми политички партии и тие партии треба да се дел од избирачкиот процес. За ДУИ нема дилеми дека условите од договорот од Пржино треба да се исполнат за да може и опозицијата да учествува на изборите на 5 јуни. ДУИ својот став во однос на изборите сосема го промени по донесувањето на одлуката за аболиција на 56 лица од страна на претседателот на државата Ѓорге Иванов.

Од кабинетот на претседателот велат дека кај Иванов нема никакви промени во однос на ставот за аболицијата и дека правни експерти бараат начини како да се одговори на писмените барања на оние што лично му се обратија за повлекување на решението за нивно помилување.

ДУИ предлага да се одржи уште една средба на лидерите на политичките партии, заедно со претставниците на меѓународната заедница како и досега, на која ќе се направи обид да се надминат сите недоразбирања, главно меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ. Инаку хаос, велат од ДУИ. Еден од предлозите на оваа партија е и формирање на влада на широка коалиција која би имала прецизни задачи до редовниот термин на парламентарните избори во 2018 година. Условот за ова на ДУИ е повлекување на одлуката за аболиција од страна на претседателот на државата и негова оставка.

Ако ова не се случи, избори на 5 јуни нема да има, порачуваат од ДУИ.

Ова значи дека договорот од Пржино и дефинитивно веќе нема да важи, а актуелната владеачка коалиција меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ ќе си го заврши актуелниот мандат во целост, сѐ до редовниот термин за парламентарни избори во 2018 година.

Засега нема никакви официјални информации дека некој со некого разговара за овие предлози на ДУИ.

Во СДСМ нема промена на ставот. Тие и пред најавената средба во Виена рекоа дека лидерска средба може да има само ако Иванов ја повлече аболицијата и ако Собранието заседава за одлагање на изборите.

ДПА засега молчи, а за ВМРО-ДПМНЕ нема никакви дилеми дека за излез од политичката криза единственото решение е избори на 5 јуни.