ДУИ се огласи, нема да поднесува кандидатски листи до ДИК

0
665

ДУИ и официјално објави дека нема да поднесе листи со кандидати за избор на пратеници, со што се исклучува учеството на партијата на изборите закажани за 5 јуни. Портпаролот на партијата, Бујар Османи кусо информира дека ДУИ нема да поднесе листи до истекувањето на рокот вечерва, без да каже што ќе прават понатаму.

Листи нема да поднесе ниту опозициската ДПА. Портпаролот Луан Треси вели дека веќе кажале дека како партија нема да учествуваат на изборите на 5 јуни, па според тоа, нема да поднесат ни кандидатски листи до ДИК.

По изјавата од СДСМ дека немаат намера да поднесуваат кандидатски листи, останува да се види што ќе направи ВМРО-ДПМНЕ, од каде што сѐ уште нема никаков став.

Единствено Народното движење за Македонија на Јанко Бачев најави дека денеска ќе поднесе кандидатски листи за сите шест изборни единици.

Денеска се огласи и лидерот на Демократски сојуз, Павле Трајанов, според кого, сега наједонставно би било ниту една партија да не поднесе кандидатски листи, по што ДИК ќе констатира дека нема услови за одржување на изборите и ќе мора да се свика Собранието.

„Но, ако некој сепак реши да поднесе листа, тогаш се влегува во политичка авантура чија цена ќе треба да ја платат тие што ќе решат да ги поднесат листите. Повеќе од јасно е дека услови за избори на 5 јуни нема и тоа е ставот на поголем број од граѓаните“ вели Трајанов.

Но, тој не исклучува ВМРО-ДПМНЕ до полноќ да поднесе кандидатски листи бидејќи, како што вели, со тоа партијата ќе продолжи да држи тензија и кај гласачите и кај меѓународните посредници.