Два месеци доцнат автобуските билети за лицата со посебни потреби

0
770

Веќе втор месец лицата со посебни потреби во Битола, ги немаат своите бесплатни годишни автобуски билети за градски превоз во Општина Битола. Поради ова авто-превозниците не ги примаат овие лица во автобусите без да платат редовен билет. Одлуката со која на лицата со посебни потреби им се овозможува бесплатен градски превоз била донесена пред четири години и досега функционирала добро. Проблемите се јавиле на почетокот на годинава.

– Тие се годишни карти за градски превоз. Секоја година Општината треба да дава нови карти. За годинава картите на се ниту пуштени на печатење.“ вели Роберт Трампевски.

Трампевски побарал информација во Општина Битола која според него е надлежна да ја донесе одлуката за печатење на билетите и истите да ги дистрибуира до матичните здруженија на лица со посебни потреби во Битола, но иако цела измината недела секојдневно одел да бара прием кај надлежните во Општината, досега никој не го примил да разговараат за овој проблем.

Нашиот соговорник за овој проблем се обратил и во Народната канцеларија на Претседателот на Република Македонија во Битола, и дури и остварил и директна средба со Претседателот Иванов од кого добил ветување дека овој проблем на лицата со посебни потреби во Битола ќе се реши, но решение сеуште нема.

За овој проблем информација побаравме од Општина Битола, од каде ни одговорија дека не се во можност да ни дадат било какви информации на оваа тема.