Две први награди за женскиот младински хор при МКЦ во Словачка

0
621

Две први награди во две категории, специјална награда за најдобар диригент и Гран При со највисок број освоени поени на целиот натпревар освои Женскиот младински хор при МКЦ под диригентство на битолчанецот маестро Сашо Татарчевски на меѓународниот младински фестивал и натпревар кој од 06 до 09 јули се одржа во Братислава, Словачка.
На натпреварот учествуваа ансамбли од четири континенти, претставувајќи ги своите културни специфики и музичка подготвеност пред публиката во Братислава и пред жирито составено од шест еминентни диригенти, композитори и солисти.

Освен на натпреварот, нашиот хор настапи и на концерти кои се одржаа во катедралата Св. Мартин и во музичката сала „Клариски“, а по покана на организаторот, маестро Татарчевски одржа и мастерклас за дел од хоровите кои учествуваа на фестивалот во салата на огледалата во палатата „Примациал“.

 

Од своето формирање во 1972 па сé до денес, ЖМХ е една од најпрепознатливите карактеристики на Младинскиот културен центар од Скопје. Изведувајќи огромен и разновиден репертоар, со посебно внимание кон македонското хорско творештво, овој ансамбл покажа дека и пејачи-аматери можат да постигнат високопрофесионални резултати.

Сашо Татарчевски настапувал со голем број ансамбли, вклучувајќи ги Македонската филхармонија, МОБ, симфонискиот оркестар на ИКО – Рим, симфонискиот оркестар на Ермитаж, камерниот оркестар на Битола, симфонискиот оркестар на ФМУ, „Солисти на ФМУ“, Битолската опера, ансамблите за современа музика „Алеа“ и „Контемпора“ и други камерни, симфониски и хорски состави.

Во моментов работи како професор на ФМУ по група предмети од областа на диригирањето и диригент на мешаниот хор „Драган Шуплевски“, камерниот професионален хор „Про Арс“ и Женскиот младински хор при МКЦ. Освен на сцените низ Македонија, има настапувано со различни ансамбли во голем број европски земји освојувајќи најпрестижни награди. Татарчевски е редовен член на неколку жири-комисии на интернационални хорски натпревари, како и предавач на семинари и мастеркласи за диригирање.