Две сообраќајки во Битола, во едната загина мотоциклист

0
5129

Втората во која има и починато лице се случи на влезот на Битола од страната на Прилеп во близина на бензинската станица на Лук Оил.

Според информацијата од битолската полиција во 20.35 часот на крстосницата од ул. „8-ми Септември“ и ул. „Арон Ароести“ во Битола се случила сообраќајна незгода помеѓу патничко возило „Голф-3“ со битолски регистарски ознаки, управувано од А.К. (29) од Битола и мотоцикл „Хонда“ со битолски регистарски ознаки, управуван од И.Г. (40) од Горно Оризари, битолско.

Возачот на мотоциклот И.Г. од здобиените тешки телесни повреди починал на местото на настанот. Смртта била констатирана од екипа на Итна медицинска помош. Увид на местото на настанот извршиле Јавен обвинител и екипа од СВР Битола.

По наредба на Јавен обвинител, телото на починатиот е дадено на обдукција.

Првата сообраќајка беше вчера доцна попладне на улицата Партизанска во Нова Битола. Околу 18.45 часот на ул. „Партизанска“ во Битола се случила сообраќајна незгода во која Б.К. (62) од Битола, управувајќи патничко возило „Пежо 106“ со битолски регистарски ознаки, удрил во пешакот Ш.Л. (76) од Битола. Во незгодата пешакот се здобил со тешки телесни повреди, по што бил задржан на лекување во Клиничка болница Битола.

Информациите за двете сообраќајки синоќа покренаа лавина реакции за тоа како се однесуваме на патиштата. На голема внимателост се препорачува од страна на сите учесници во сообраќајот и на оние кои се зад воланот, оние кои се превезуваат со мотоцикли или велосипеди, но и пешаците.

 

Без коментари