Еден од бомбашите во Париз со сириски пасош поминал низ Грција во октомври!

0
337

Напаѓачот кај чие мртво тело беше пронајден сириски пасош поминал низ Грција во октомври, рече грчкиот заменик-министер за внатрешни работи Никос Тоскас за Ројтерс.

„Сопственикот на пасошот поминал низ островот Лерос на 3 октомври 2015, каде што бил идентификуван според европските правила“, рече Тоскас во соопштение до јавноста.

Грчката полиција рече дека сопственикот на пасошот бил млад човек, кој стигнал на Лерос заедно со група од уште 69 бегалци, и дека таму му биле земени отпечатоци од прстите. Полицијата одби да го каже неговото име.

Тоскас рече дека не знае дали пасошот бил проверен од другите земји (меѓу кои веројатно е и Македонија) низ кои неговиот сопственик поминал на патот кон Франција. Грчката полиција рече дека француските власти побарале од европските земји, меѓу кои е и Грција, а веројатно и Македонија, да го проверат името на пасошот, за да видат дали тој бил регистриран.

 Иако ова во голема мера имплицира дека еден од напаѓачите во синоќешниот масакр во Париз дошол во Европа заедно со бегалците, за сириските пасоши е познато дека масовно се фалсификуваат и за мали пари, но сè уште не е официјално потврдено дали името на пасошот навистина е тоа на убиениот напаѓач, вели Гардијан.

Ако се потврди дека напаѓачот навистина е сопственик на пасошот, големи се шансите тој да поминал и низ Македонија, како една од земјите на бегалската рута од Средоземно Море кон Европа.

www.mkd.mk