Еден турски војник убиен и тројца ранети во офанзивата во Сирија

0
222

Еден турски војник е убиен а тројца се ранети во саботата во ракетен напад врз тенк во близина на градот Џараблус во северна Сирија, соопштија турски воени извори во саботата вечерта, три дена откако Турција ја покрена офанзивата за чистење на овој сириски град во близина на нејзината граница од џихадистичката групација Исламска држава и спречување тој да биде заземен од сириските Курди.

 

Воени извори рекле дека ракетата била истрелана од територија која е под контрола на курдската милиција Единици за заштита на народот (YPG), кои се најмоќната единица во курските сили во Сирија – Партијата на демократската унија (PYD).

Бунтовниците кои се противат на турската интервенција во Сирија негираа претходно во саботата дека во тоа подрачје има курдски сили.

Ова е првиот потврден смртен случај меѓу турските војници кои учествуваат во операцијата во Сирија. Агенцијата Anadolu јави, без да наведува друг поединости, дека турската војска одговорила на тој напад со бомбардирање на курдските позиции во Сирија.

Агенцијата Reuters јави дека во саботата вечерта четири ракети се истрелани врз цивилниот аеродром во југоисточниот турски град Дијарбекир. Во наподот за кој засега не се соопштени други поединости, нема настрадани, а персоналот и патниците биле итно евакуирани.

Сириската курдска милиција YPG соопшти претходно во саботата дека турската војска ги засилила нападите врз нивната територија во северна Сирија, обвинувајќи ја Анкара дека испраќа воени возила преку границата во областа на Кобане, а турските функционери тоа го негираа.

Турција и Исламската држава и Партијата на демократското единство (PYD) на сирискитe Курди ги смета за терористички организации. Особено поради тоа што PYD во битката за сирискиот курдски град Кобани против џихадистите ја имаше поддршката од забранетата во Турција Работничка партија на Курдистан (PKK) против која од минатото лето води широка офанзива. Меѓутоа, САД иако турски сојузник, ги подржуваат Курдите во Сирија кои на теренот успеаја да ги потиснат џихадистите.

Анкара е вознемирена од обидите на сириските Курди да создадат автономна територијална област по должината на нејзината граница, која ја прогласија уште во 2015 година, а на што се противи и официјален Дамаск.

Турција објави дека цел на нејзината операција во Сирија е борбата против Исламската држава и запирање на ширењето на курдските сили во северна Сирија./крај/мф/сн