Еден во притвор, тројца со мерки на претпазливост за случајот Транспортер

0
1040

Судија на претходна постапка му одредил 30 дена притвор на еден од осомничените во случајот „Транспортер“, што го отвори Специјалното јавно обвинителство (СЈО) по сите три основи од ставот 165 од Законот за кривична постапка, додека на други тројца им се определени мерки на претпазливост.

Портаролот на судот за Тера потврди дека мерката притвор е определена по сите три основи, поради опасност од бегство, од влијание на сведоци и поради опасност од повторување на делото. На останатите тројца кои вчера беа на распит кај судија на претходна постапка одземени им се патните исправи, имаат наредба да се јавуаат кај службено лице и да не го напуштаа местото на живеење, односно градот.

Специјалното јавно обвинителство минатата недела отвори истражна постапка поради основани сомневања за сторена злоупотреба со превозот на ученици во Битола, во која осомничени се вкупно 22 лица.

Првоосомничен во случајот е битолскиот градоначалник Владимир Талески, против кого не се води постапка бидејќи е еден од 56-те лица кои беа аболирани од претседателот на државата, Ѓорге Иванов. Во случајот „Транспортер“ градоначалникот на Општина Битола, Владимир Талески, заедно со претседателот на Комисијата за јавни набавки на Општината, формирана од градоначалникот, во договор со директорите на основните и средните училишта во Битола и одговорни лица на повеќе превозници го оштетиле државниот буџет за 22.024.891 денари или околу 360.000 евра, за две учебни години.

Против 11 лица СЈО поднесе предлог за притвор до Основниот суд, а донесе и наредба за спроведување истражна постапка против 22 лица поради основано сомнение дека сториле злоупотреба на службената положба и овластување, а по однос на градоначалникот Владимир Талески не е донесена наредба за спроведување истражна постапка, поради правни пречки – односно помилување од страна на претседателот на државата.