Единствено авторите кои ја донесоа забраната може и да ја отповикаат

0
246

Со реакција преку соопштение се огласи и ЗАМП во врска со Решението на Министерството за култура, со кое се запира извршувањето на одлуката за Забрана за радиодифузно емитување на авторски музички дела.

„ На Министерството за култура му беа потребни 43 дена за да донесе Решение со кое, како што се наведува, „се запираат од извршување Одлуката на Собранието и на Управниот одбор на ЗАМП за Забрана за радиодифузно емитување на авторски музички дела“ и „се ставаат вон сила  издадените дозволи од ЗАМП на ТРД за јавно емитување на авторски музички дела по пат на радио-дифузно емитување“. А се што смислија за тоа време е уште еден очаен чекор кој не се потпира на ниту еден правен аргумент ами единствено на аргументот на силата. Авторите чии права ги штити ЗАМП не се изненадени од ова најново незаконско постапување на надлежен државен орган. Само се прашуваат до кога Министерството ќе јава на беззаконието, за по секоја цена да ги задржи телевизиите и радијата за свои партнери! А за да си ги прикрие грешките и пропустите на кои постојано им укажуваме, сега е подготвено да ги жртвува и радиодифузерите, зашто бесправно им советува да не ја почитуваат забраната за емитување музика. Авторите преку ЗАМП ќе ги преземат сите потребни правни дејствија за да си ги заштитат своите права и ќе поведат постапка против Решението на Министерството за култура. Поради незаконските  одлуки на Министерството за култура и евентуалните повреди на моралните и материјалните права на авторите, препорачуваме трговските радиодифузни друштва да продолжат да се придржуваат до одлуките на авторите на ЗАМП се додека судот не донесе правосилна судска одлука или додека авторите во ЗАМП сами не ја стават вон сила забраната за јавно емитување музика“ стои меѓу другото во реакцијата на ЗАМП.