Египет не го потврдува лоцирањето на „црните кутии“ од урнатиот авион

0
496

Министерството за цивилно воздухопловство на Египет сé уште не може да ја потврди информацијата дека е утврдена локацијата на рекордерите за податоците од летот на урнатиот авион на египетската воздухопловна компанија „EgyptAir“.

„Новите информации за тоа дека е утврдена локацијата на ‘црните кутии’ од авионот, уште не се потврдени“, се вели во соопштението на министерството кое го пренесе телевизијата al-Nahar. Во него се додава дека вооружените сили на Египет се „единствената страна којашто го известува министерството за текот на операцијата за потрага“ по остатоците од авионот.

Претходно во саботата американската телевизиска мрежа CBS, повикувајќи се на извори од владата на Египет, пренесе дека е утврдено местото на кое потонале „црните кутии“. Тие, наводно, биле најдени во близина на грчкиот остров Карпатос, каде што беа пронајдени првите остатоци од авионот и лични предмети на патниците, како и дека во тек е операција за нивно извлекување на површината.

Портпаролот на египетската армија, Мухамед Самир, во меѓувреме на својата фејсбук страница постави видео и фотографии од операцијата за пребарување и извлекувањето од морето на фрагменти од трупот на авионот, авионски седишта, лични предмети на патници и жолт безбедносен елек.

Авионот од типот „Airbus A320-232“ на компанијата „EgyptAir“ на летот MS804 од Париз за Каиро со 66 патници и членови на екипажот исчезна од радарите во четвртокот утрото набрзо откако го напуштил грчкиот и навлегол во египетскиот воздушен простор.

Во петокот беше објавено дека се откриени делови од тела, патни торби, две авионски седишта и остатоци од авионот на 290 километри северно од египетскиот пристанишен град Александрија./крај/мф/сн