Египетската војска за малку ќе соборела британски патнички авион во август

0
4104

Патнички авион на британската воздухопловна компанија „Тhomson Airways“, кој летал од Лондон со 189 патници, за малку ќе бил соборен со проектил во август при долетувањето во египетското летувалиште Шарм-ел-Шејк, и како што пишува весникот The Daily Mail за инцидентот кој го потврдиле британски функционери, пилотот ја забележал ракетата на 300 метри од трупот, успеал да го смени курсот и да ја избегне трагедијата.

Според изданието од петокот, проектилот кој му се приближувал на авионот го забележал еден од пилотите. „Пилотот нагло сврти налево за да ја избегне ракетата, којашто се наоѓаше на околу 1.000 стапки (околу 304 метри). Петте други членови на екипажот дознаа за инцидентот дури по слетувањето“, рекол соговорникот на весникот.

Изворот на The Daily Mail истакнал дека проектилот, кој за среќа не го погодил авионот на „Thomson Airways“, го забележале и екипажи на авиони на други компании. „На екипажот му било кажано дека проектилот бил истрелан во текот на египетски воени вежби, но инцидентот многу ги вознемирил“, додал.

На целиот екипаж затоа му било понудено да преноќи во Египет, но тие се решиле веднаш да се вратат во Британија. Патниците не биле информирани за опасноста.

Од министерството за транспорт на Велика Британија го потврдиле инцидентот со проектилот кој за малку ќе го урнел авионот, кој се случил на 23-ти август, речиси два месеца пред трагедијата со рускиот патнички авион кој на 31-ви октомври со 224 луѓе се урна на Синајскиот полуостров, половина час по полетувањето од египетското летувалиште Шарм-ел-Шејк.

Компанијата „Thomson Airways“ првично одбила да го коментира инцидентот, но во петокот соопштила дека „може да потврдиме дека екипажот на летот ТОМ476 информираше на 23-ти август 2015 година за овој инцидент“

„По приземјувањето во Шарм-ел-Шејк беше потврдена првичната процена, и за настанот веднаш беше известено британското министерство за транспорт во согласност со вообичаените протоколи. Министерството спроведе целосна истрага заедно со други експерти од британската влада. По разгледувањето на фактите беше донесен заклучокот дека немало никакви причини за загриженост и оти може слободно да ја продолжиме нашата програма за летови во Шарм-ел-Шејк“, истакнале од компанијата.

Висината и географската позиција на авионот во време на инцидентот кога тој за малку не бил соборен од ракета, не се објавени.

„Го истраживме инцидентот тогаш и дојдовме до заклучок дека тоа не бил намерен напад и веројатно е поврзан со вообичаени вежби кои ги спроведувала египетската војска во тој регион во тој период“, рекол портпаролот на британската влада./крај/мф/сн