ЕК очекува да се усвојат итните реформи

0
199

Европската комисија во среда го поздрави продолжувањето на дискусиите меѓу лидерите на најголемите политички партии во Македонија и посочи дека е важна имплементација и адресирање на листата итни реформи што неформалната Влада на Европската унија ги побара минатата седмица од македонската држава.

Портпаролката на ЕК, Маја Коцијанчич, го потврди ставот на официјален Брисел дека има надеж од продолжувањето на дијалогот за ставање крај на политичката криза во Македонија и оти итните реформи што ги побара ЕК е најважно да се решаваат, јавува МИА.

„Она што можам да го кажам е дека го поздравуваме продолжувањето на дискусиите на лидерите на политичките партии во Македонија, вклучително и имплементацијата на препораките што ЕК ги претстави и се однесуваат на договорот од 2-ри јуни. Ние очекуваме конкретни резултати од овие разговори во блиска иднина. Знаете дека комесарот за преговори за проширување, Јоханес Хан, изрази подготвеност да посредува и тоа останува случај, а и разговорите се случија во присуство на амбасадорот на ЕУ“, истакна Коцијанчич.

Портпаролката на ЕК, исто така, потенцира дека во оваа фаза од политичките дискусии во Македонија, нема потврдена можна посета на комесарот Хан на земјата.

Во понеделникот се одржа лидерска средба меѓу претседателите на четирите најголеми политички партии во земјата, Никола Груевски, Зоран Заев, Али Ахмети и Мендух Тачи, на која било договорено во скоро време да биде одржан нов состанок на кој ќе се дискутира за точната организација на владата што ќе ги подготви изборите. /крај/мф/

Copyright 2015 makfax Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Макфакс