“Електрични оргазам” ја размрда битолската публика

0
820

Неколку илјадна публика под отворено небо на Широк сокак во Битола, го проследи музичкиот мега спектакл на култниот рок бенд “Електрични оргазам” кој во градот на конзулите настапи како дел од младинскиот арт фестивал “Битола отворен град 2016” во организација на Младинскиот културен центар – Битола. Музичкиот настан во Битола беше отворен и бесплатен за сите посетители, како и останатите фестивалски содржини во претходните денови.

 

“Електрични оргазам” во Битола се претставија со колекција на нивните најдобри хитови што беше пречекано со воодушевување од публиката од која голем дел наизуст ги знае рефрените кои енергично на сцена ги пренесоа легендарните рокери. Фронтменот на групата, Срџан Гојковиќ – Гиле, даде се од себе да ја размрда публиката на Широк сокак и да понуди добра и енергична забава, при што го најави и новиот студиски албум “Каде сме сега”.

-На крајот на минатата година издадовме нов сингл со песната “Бев лош”. Пред еден месец издадовме друг сингл на песната “Со камера снимам се”. Тоа се песни од нашиот иден студиски албум. Планираме на крајот на годината или почетокот на следната, да го објавиме тој албум, со тоа што ќе следи уште еден сингл во октомври и се разбира што повеќе концерти. Тоа е она што публиката може да го очекува од нас во наредниот период- изјави во Битола Срџан Гојковиќ – Гиле, фронтменот на “Електрични оргазам”.

 

На големата бина во Битола прозвучија најголемите регионални хитови како „Дебела девојка”, „Бејбе ти ниси ту”, „Игра рокенрол цела Југославија”. Публиката имаше можност да ја слушне и изведбата на последниот, од критиката одлично прифатен албум на “Електрични оргазам” насловен „То што видиш то и јесте”.

Со овој албум всушност групата се врати на голема врата и го зазеде местото кое им припаѓа на балканската музичка сцена, враќајќи ја вербата кај публиката дека се уште има место за добра музика.